Претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска на прес-конференција обвини дека против него и СДСМ се води координирана и организирана кампања на медиумски линч, зад која, како што рече, стои власта на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче презентираше галерија од, како што ги нарече, „илјада токсични наслови“, кои, според него, се доказ за систематска хајка со цел дефокусирање на јавноста од реалните проблеми.
„Она што денес го претставуваме е токму тоа – илјада наслови за сите да се прашуваат зошто нешто се случува. За секое зошто има одговор – затоа“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека собирањето на ваквите наслови не било тешко, бидејќи, како што рече, станува збор само за мал дел од продукцијата на „медиумскиот октопод на ВМРО“.
„Вака изгледа секојдневието на СДСМ и мое лично. Со ова се будиме и со ова заспиваме – невистини, лаги, навреди, хајки и линч. Во ова се вложени милиони евра“, рече Филипче.
Според претседателот на СДСМ, интензитетот на нападите се зголемил во моментот кога партијата почнала да објавува информации за сериозни корупциски случаи.
„Најжестоките удари почнаа кога откривме дека постои договор ‘мигранти за пари’, кога објавивме 161 тендер за една фирма, 52 милиони евра преку општините, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра преку Пошта. Кога кажавме дека недостига една милијарда евра, а сега веќе недостигаат две“, изјави Филипче.
Тој посочи дека нападите дополнително ескалирале по објавите за поврзаноста на Алфа ТВ со, како што рече, мрежа која води преку Белград до Будимпешта.
„Тогаш тргнаа со сите сили врз нас“, рече тој.
Филипче изрази разочарување од реакцијата на новинарските здруженија, посочувајќи дека сè уште нема одговор на осумте претставки што СДСМ ги поднела за навреди и говор на омраза.
„Ме споредуваат со убиец на 300 деца и никој не реагира. Не се реагира ниту на ова што денес го гледате собрано на едно место“, рече Филипче.
Тој додаде дека ваквиот говор не може да биде дело на независни новинари.
„Оваа количина омраза може да ја изговори само лице длабоко поврзано со ВМРО. Потоа следуваат организирани напади и одвнатре, со купени и уценети луѓе“, изјави Филипче.
Претседателот на СДСМ оцени дека медиумските напади служат како параван за криминал.
„Додека се објавуваат лажни вести и измислени афери, во позадина се одвива кражба. Додека ние се занимаваме со лаги, Мицкоски во Давос преку посредничка компанија договара мигранти. Кучињата си лаат, караванот си врви“, рече Филипче.
На крајот од прес-конференцијата, Филипче најави дека СДСМ уште денес ќе се обрати до Европската Унија и до меѓународните организации за заштита на слободата на говор и медиумите.
„Ова нема да нè запре. Напротив, сега сме посилни. Ова е доказ дека сме на вистинскиот пат – патот на вистината и правдата. А правдата ќе победи“, изјави Филипче.







































































































