СДСМ во партиско соопштение обвини дека ВМРО-ДПМНЕ пласира „лаги“ во врска со Правилникот и законите за опојни дроги, додавајќи дека тоа нема да го тргне прашањето за, како што наведуваат, петте тони дрога што поминале преку граница.
Од партијата посочуваат дека сите измени и дополнувања на законите за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции биле донесени во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ било на власт, заклучно со 2017 година.
„Заклучно со 2017 година ВМРО-ДПМНЕ ги донесе сите измени и дополнувања на законите за опојни дроги и психотропни супстанции“, наведуваат од СДСМ, посочувајќи ги законите објавени во „Службен весник“ во 2008, 2010, 2013, 2015, 2016 и 2017 година.
Според соопштението, до 2017 година, со согласност од тогашната влада, 29 фирми добиле одобрение за одгледување канабис за медицински цели.
Од СДСМ поставуваат прашања за одговорноста во изминатиот период.
„Кој е на власт во изминатите две години? СДСМ или ВМРО? Кој ги даваше субвенциите? Кој вршеше контрола?“, прашуваат од партијата.
Во соопштението се наведува и дека, како што велат од СДСМ, „нема бегање од одговорноста“.
„Оставете ги веќе вашите лаги и кажете им на граѓаните како 5 тони поминаа преку граница?“, стои во соопштението на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска истакнаа дека Владата на Заев и Филипче донела спорен правилник, и посочија дека „подзаконскиот акт за канабис е во судир со законот.
„СДСМ на чело со Зоран Заев и Венко Филипче го злоупотребиле процесот за регулирање на медицинскиот канабис Македонија.
Во 2020 година Заев и Филипче смислиле план за како енормно да заработат од бизнисот со марихуаната и сакаа целосно да ја легализираат но тоа не им помина. Затоа лиценците за одгледување на медицински канабис биле резервирани исклучиво за луѓе блиски до кланот Заеви и Филипче. Обичните граѓани и компании немале никаква шанса да добијат дозвола.
Поради фаворизирањето на тоа кој ќе добие лиценци, Струмичкиот регион се претвори во центар за производство на марихуана за медицински цели.
Доказ за тоа дека се било смислено однапред е подзаконскиот акт на правилникот за одгледување на канабис за медицински цели, донесен во време на СДС каде постои неусогласеност, затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите.
Производството на канабис кој не ги исполнува ГМП нормите го прави маслото од канабис нелегално за лиценцирање и промет.
Токму поради сето ова се отвора сомнеж за криминални мотиви. Со ваквиот начин на производство и складирање се отвора сомнеж дека канабисот бил за продажба на црниот пазар“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.







