Ребалансот на Буџетот отвора сериозни ризици, дупките владата не ги пополнува, во ризик е исплатата на пензиите, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.
„Кај пензиите. Парите што се исплаќаат од МТСП кон ПИОМ не се зголемени, а фалат 10 милијарди денари за до крај на годината. Значи, исплатата на пензиите е практично доведена во прашање“, истакна Филипче.
Тој посочи дека проблемите не се ограничени само на пензискиот систем, туку дека ребалансот покажува сериозни пропусти и во социјалната заштита.„Ќе дадам неколку примери во делот на труд и социјала. Има додадено пари кај надоместоци и права од социјална заштита, 2 милијарди денари, заради лошата проекција на основниот буџет. Ама овие пари не се доволни за до крајот на годинава. Ќе фалат уште 3 милијарди да се сервисираат сите обврски. Тоа значи дека оваа година ќе нема покачување на поддршката за социјално ранливите категории“, рече Филипче.
Филипче истакна дека Владата продолжува да ги крати средствата за развојните политики и стопанството, додека не прави суштински заштеди во сопственото трошење.
„Нема сериозно кратење на непродуктивни трошоци, нема вистинска рационализација и нема реформи. А граѓаните плаќаат сѐ поголеми сметки, сѐ поскапа храна, едноставно трошоците за живот се сѐ поголеми“, заклучи Филипче.
Ребалансот е уште една потврда дека Владата целосно ги промашила економските политики.
„Ребалансот не е план за развој. Ребалансот е практично признание дека оваа влада лошо ја води економијата во земјата. Граѓаните тоа го чувствуваат секојдневно. Повисоки цени, нема раст на платите, стандардот тоне. И тоа е вистинската слика за економските политики на оваа влада“, нагласи Филипче.
Тој додаде дека, наместо економски раст и подобар животен стандард, граѓаните добиваат повисоки цени, поголем буџетски дефицит и нови задолжувања.
„Практично се потврдува тоа што го говориме цело време, дека со Мицкоски и оваа група на власт нема ниту економски раст, нема поголеми плати, има само уназадување.
До крајот на годината, практично ниту еден граѓанин не може да очекува подобрување на животниот стандард, туку напротив влошување, едноставно економијата тоне“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.






