Екипата на Фронтлајн.мк поттикната од интервјуто со директорот на Скопската зоолошка градина, Ѓорги Галетановски ја посети Скопската зоолошка градина која во моментот е затворена поради епидемијата на КОВИД-19.
Што ново нуди Зоолошката градина, како се снаоѓаат животните, дали им фали вниманието на посетителите, ни раскажа портпаролката на ЗОО, Тина Мицковска.
Во оваа видео репортажа, што Фронтлајн.мк ја направи со помош на Тина, можете да се запознаете со мечките Мартина, Марко, Бим и Бум, со лемурите, за тешкиот живот на слоновите Дуња и Даела, за новитетите на зоолошката…
„Се радувам што после многу години успеавме да направиме некако напори да се реновира ова живеалиште на мечките кое што сметам дека не го заслужуваат, заслужуваат многу подобро живеалиште. Имаме 4 мечки Мартина, Марко Бим и Бум, Бим и Бум се братчињата што најчесто се качуваат по дрвата и можат да ги видат посетителите, а за Марко и Мартина планираме да отпатуваат во резерват кај што ќе си живеат на 150 илјади метри квадратни и ќе можат да уживаат во поголема слобода и природа, и се надевам дека во краток рок ќе успееме и за Бим и Бум да го направиме ова еден голем зелен простор каде што ќе можат исто така да имаат соодветни услови за живот“, изјави Мицковска.
Кај лемурите владее матријархат, а како што ни рече Мицковска основоположници на јогата и медитацијата се токму тие.
Мислам дека периодов се едни од животните кои што најмногу го искористија за уживање и за одмарање кога немаме посета, интересно за нив е што мислам и дека тие се основоположници на јогата и медитацијата, да, сето тоа медитирање и седење буквално во таа поза е измислено од лемурите, обично наутро кога има сонце така седнуваат тоа им е за утринското будење, или пред заоѓањето на сонцето исто така се сончаат. Кај нив жената е главна и таа е онаа која што ги командува останатите лемури кога живеат во група. Обично тие живеат во групи од 23 до 26 лемури и во моментов имаме малку повеќе бидејќи ни се родија многу бебиња периодов, периодов имаме мислам околу 5-6 бебиња кои што се родија од крајот на март до сега. Додека се сѐ уште мали бебиња во првите 2-3 недели тие се држат од долната страна на мајката, кај нив и не ги чува само мајката да речеме има бебе па сега јас ќе си го земам го чувам не го давам на никој, туку сите заедно го чуваат, може да го видите бебето како се качува од грб на грб и секој лемур се грижи за него“, раскажа Мицковска.
„Дуња и Даела е многу интересна приказната за нив, затоа што овие слонови буквално имале еден тежок живот, живееле во циркус целиот свој живот и уште од мали бебиња се украдени од дивина, што апсолутно не го поддржувам, апсолутно не ги поддржувам и циркузите. Каде што тие биле дел од еден циркуз каде што патувал во Германија, во Шведска, во Норвешка значи во ладни краишта живееле овие слонови, во буквално едно вагонче мало каде што биле врзани со окови, и мислам дека тоа навистина не било воопшто убаво за нив. За среќа Европската Унија пред извесно време почна и да ги блокира и да ги банира односно тие циркузи за да не смеат да користат веќе животни, тоа беше на среќна околност за многу животинки кои што спасот го најдоа во резервати во посовремени зоолошки каде што имаат подобри стандарди и услови. Таква е и приказната со Дуња и Даела, тие беa прво однесени во Pairi Daiza тоа е една од најубавите да не речам и најубавата зоолошка во Светот во Белгија се наоѓа, но таму за жал бидејќи имаат многу слонови, околу 20 слонови Дуња и Даела не можеле да прифатат воопшто во контакт со други слонови бидејќи целиот свој живот го поминале со луѓе во циркузот, се сакаат само тие две и не сакаат воопшто друг слон со нив. Потоа, нашите пријатели од Pairi Daiza ни ги донесоа овде во Скопје, тие доаѓаа мислам можеби и година до две да прават надзор како се прави овдека нивното живеалиште, дали ги има сите услови кои што ги бара една таква зоолошка како што е нивната, како што кажав и најдобрата зоолошка во светот, но штом тие ни кажаа дека ги имаме сите услови, дека ова живеалиште е супер за Дуња и Даела, тогаш ни падна камен од срце, дојдоа во 2018 година овде во Скопје во Септември и на отварањето на нивното живеалиште мислам дека овде имаше дури 10 илјади луѓе, а Дуња и Даела воопшто тоа и како да не го приметија дека има гужва, замислете значи животни се сепак секое животно би се исплашило, но Дуња и Даела се навикнати на луѓе и мислам дека и на нив најмногу периодов додека е пандемијата најмногу им недостасува овде да има посетители… За нив имаме 4 негуватели кои што ги чуваат, специјално се грижат само за нив две, и тие им го посветуваат целото свое време па остануваат дури и после работното време кога си одат другите колеги, а за Дуња и Даела да имаат што повеќе занимација и анимација во овој период“, истакна Мицковска.
Но, она што навистина ќе ги израдува посетителите на Зоолошката градина кога работите ќе се вратат во нормала се фламингата и пингвините.
„Ве донесов тука на една тераса која што има многу убав поглед, од тука се гледа и половина зоолошка, но не знаете и дека се наоѓаме токму врз фламингата во моментов, доле се под нас, во карантин во просторија во која што е сега оптимизирана за нивните потреби, таму си имаат базенче таму ги храниме и е во карантин тоа, значи си пишува и на самата врата карантин, таму влегуваат само оние кои што се грижат за нив, тоа се моите колеги Војо и Маја во моментов. Фламингата се инаку карипски фламинга, тоа е еден вид на американско фламинго и е најголемо фламинго и најрозево..Имаме 15 фламинга и сите се малечки… За фламингата е овде живеалиштето, ќе биде едно од најубавите во Југоисточна Европа но како што може да видите малку ни е заградено од сите страни, ќе има пристап само од една страна да се види, а тоа се од тие таму едни прозори како што ќе може да ги гледаат посетителите. Се прашувате зошто е тоа така, епа тоа е така поради тоа што малку имаме ние и несовесни посетители за жал, пробувавме со години да ги едуцираме да ги сопреме во она што го прават како фрлање на храна и камчиња, имало тука доста неубави случки во минатото, не сакам ни воопшто да се навраќам, затоа и направивме буквално едно вакво живеалиште каде што ќе може да се гледаат само од една страна и да бидат максимално обезбедени“, објасни Мицковска.
Африканските пингвини (African Black Foot), треба да пристигнат од Лондон, а нивното живеалиште веќе е во припрема. Ги посетивме и гибоните, за кои Тина објасни дека се одлични „акробати“.
„Ако сте биле можеби некогаш на Баскерфест во Скопје сте ги виделе оние акробати кои што одат на јаже, така и нашите гибони тоа се Џорџ и Бетка и нивното мало бебе кое што веќе и не е толку бебе туку има година ипол, меѓутоа е премногу приврзано за мајката и сѐ уште постојано е во нејзините прегратки, од време на време знае и самото да се пушти, но мислам дека со текот на времето ќе научи и тоа како своите родители да оди по јаже“, вели таа.
За крај, како и сите ние, така и Тина се надева дека Зоолошката градина наскоро ќе се отвори.
„Се надевам дека што поскоро ќе помине сето ова, чувајте се, придржувајте се кон мерките за што поскоро да можете да дојдете да ги видите овде и нашите нови фламинга и пингвините, а наскоро и новиот Дино Парк“, не поздрави Мицковска пред нашето заминување.
Сѐ што ни останува е да се надеваме на побрзо завршување на оваа пандемија на Ковид-19, со цел Зоолошката побрзо да ги отвори своите врати за да можат граѓаните да уживаат во многуте новитети кои ги нуди.
Искра Ежова
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети