Преку денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека ќе го поразат вториот вирус, Заев и СДСМ. Од таму велат дека поради неспособноста на Заев и Филипче имаме втор пик на коронавирус и додаваат дека можеме да замислиме само како ќе биде ако има и трет пик.
„Мора овој вирус на неспособност и неодговорност наречен власт на Заев што побрзо да го поразиме на избори, за да може Македонија да стане земја која наесен ќе се справува со здравствените, економските и социјалните предизвици. Ќе ја поразиме короната и ќе го поразиме вториот вирус, Заев и СДСМ.“, потенцираат ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
Според СДСМ, пак, единствено оружје за борба против вирусот е нашата свест и одговорност. Тие истакнуваат дека здравствените работници четири месеци се борат по 24 часа на ден и дека медицинскиот персонал е преморен и потребна им е помош од сите одговрни и свесни граѓани.
„Да почнеме од самите себе, да го заштитиме здравствениот систем и да им помогнеме на сите здравствени работници кои се нашите херои. Во однос на престојната кампања за парламентарните избори, СДСМ како државотворна и зрела партија ќе води одговорна кампања, без митинзи, големите собири и сите потенцијално ризични настани односно нови алтернативни начини на кампања кои ќе бидат строго со почитување на сите препораки и протокли со цел заштита на здравјето на граѓаните.“ велат СДСМ во соопштението.
Од таму порачуваат дека за СДСМ и Владата која ја предводи, заштитата на граѓаните и нивната благосостојба биле и остануваат приоритет.
– Заедно сме во оваа криза и ќе ја пребродиме заеднички , единствени и сплотени, потенцираат од СДСМ.
Ј. Ѓ.