Во Предлог-преговарачката рамка што денеска ја усвои Европската комисија, одредницата што се користи за именување на јазикот е – македонски (Macedonian), без никакви дополнителни објаснувања или фусноти, дознава „360 степени“.
Ова може да се земе како чин на официјално признавање на македонскиот јазик на ниво на ЕУ и негова промоција во еден од официјалните јазици на Европската Унија во иднина.
Северна Македонија ќе мора да го преведе заедничкото европско право (acquis communautaire) на македонски пред официјалното зачленување во Европската Унија, пишува, како што дознаваме, во Предлог-преговарачката рамка.
Предлог-рамката оди на разгледување кај земјите членки на ЕУ, кои треба да се усогласат за финалниот текст.
Пасусот во кој се наведува дека заедничкото европско право треба да се преведе на јазикот на идната земја членка е стандарден елемент во преговарачките рамки за сите држави кандидатки што сѐ уште преговараат со ЕУ или веќе станале членки.
Прашањето за македонскиот јазик беше формално затворено со Договорот од Преспа, како клучна идентитетска одредница за етничките Македонци од Северна Македонија, стои во текст на 360 степени.