На отворениот простор во Музејот на современа уметност во Скопје, во организација на Министерството за надворешни работи, Институтот за европска политика и Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска ќе се одржи тркалезна маса на тема „Презентација на Извештајот за фундаментални права 2020“.
Воведни обраќања на темата ќе имаат министерот за надворешни работи Никола Димитров и народниот првобранител и набљудувач во Агенцијата на ЕУ за фундаментални права, Иџет Мемети. Главен говорник ќе биде директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, а презентации ќе имаат и претставници на надлежни институции и граѓански сектор.
Се очекува дискусијата да ги опфати главните наоди во извештајот на Агенцијата на ЕУ за фундаментални права во однос на Република Северна Македонија, да се осврне на клучните предизвици во оваа област пред и во текот на пристапните преговори со ЕУ, соработка со граѓанскиот сектор при промоцијата и заштитата на човековите права, подобрувањето на капацитетите на институциите, како и улогата на меѓународните инструменти, надзорни механизми и техничката соработка во функција на човековите права и фундаментални слободи.