пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Берлин го засакав уште пред да го видам, благодарение на филмот „Небо над Берлин“ на Вим Вендерс. Чувството на слобода, со само неколку чекори на берлинските улици, е чудно силно и неспоредливо. Возбудливо.
Пред пет години, време кога нашата земја сѐ уште беше под јаремот на криминалната Фамилија, бев во Берлин, во деновите кога се подготвуваше одбележувањето на 25-годишнината од падот на Ѕидот (9 ноември 1989 година). Падот на Берлинскиот ѕид го означи и почетокот на крајот на Студената војна и паѓањето на Железната завеса. Земјите од Источниот блок (Варшавски пакт) се ослободија од руската чизма. Советскиот Сојуз се распадна. Но, останаа безброј траги од децениското идеолошко угнетување.
Во доба кога се соочуваме со нова Студена војна што ја наметнува руската политика и диктаторот од Кремљ, падот на Берлинскиот ѕид сега е, повеќе од било кога, симбол на стремежот за слобода и демократија.
Таа ужасна и нечовечна творба, Ѕидот, кој речиси три децении беше симбол на бруталната репресија на советскиот тоталитарен режим, падна на 9 ноември 1989 година.
„Живеевме на 500 метри од Ѕидот, во Западен Берлин. Тоа беше живот на остров. Ѕидот беше насекаде околу нас. Кога јас и брат ми прашавме што се наоѓа зад ѕидот, нашите родители се обидоа да ни објаснат без да нѐ заплашат, но тоа што ни остана беше дека зад Ѕидот се случува нешто погрешно и застрашувачки лошо. Иако живеевме толку блиску до Ѕидот, го видов само неколку пати, бидејќи сѐ што е случуваше во напнато секојдневие, беше во обратна насока од Него. Но, кога бевме блиску до Ѕидот, владееше чудна атмосфера. Децата можеби не знаат точно што се случува, но тие многу подобро од возрасните можат да ја почувствуваат атмосферата, да почувствуваат дека нешто е погрешно.“
Така, мојот берлински другар Флориан Дункел (го викаме Фло), ја започна приказната за Ѕидот, додека седевме во Kotti café. Тоа е кафе-бар на првиот спрат во еден објект спроти станицата на берлинската подземна железница (U-Bahn) Котбусер Тор (Kottbusser Tor) во срцето на Кројцберг (Kreuzberg) или екс-Берг (X-Berg) во сленг. Во Коти бар седат туристи од целиот свет пијат пиво, средовечни Турци од околните дуќани пијат чај, студенти, уметници, случајни и намерни луѓе, накратко, Берлин во мало…
„Бевме слободни да патуваме, но секогаш моравме да поминеме преку ГДР (Германска Демократска Република, делот од Германија под окупација на Советскиот Сојуз – н.з.)“ – продолжува Фло – „Моравме да поминеме преку сите контролни пунктови. Сеќавањето на тие премини е многу живо до денес. Атмосферата беше многу напната цело време. Го проверуваа автомобилот детално. Го задржуваа секој автомобил со часови, некогаш по половина или цел ден. Ние често патувавме во Западна Германија да ги посетиме баба ми и дедо ми. Тоа беа тешки мигови. Не шверцувавме луѓе или добра, но постојано чувствувавме притисок, дека може да најдат нешто што не им се допаѓа и да нѐ задржат бескрајно долго.“
Фло бил дете кога живееле во близина на Ѕидот, за среќа, од другата страна на мрачните страдања. „Сите тие сеќавања се толку живи. И остануваат. Ја помнам секоја слика од тие патувања преку ГДР. Најголемиот страв беше да не почнат со испрашување. Тогаш, ги раздвојуваа семејствата, децата од родителите и со часови ги испитуваа. Премините беа преполни со полиција и војска со автоматски пушки во рацете, вооружени до заби, со митралези на оклопните возила насочени кон патниците, со кучиња кои лаат…“ – сведочи Фло.
„Имав седум години кога имавме проблем со колата. Кога излегувате од Западен Берлин, добивате транзитна виза која ви трае три часа. Не смеете да се задржувате или излегувате на патот. Нам ни требаше речиси двојно подолго време поради поправката. Тоа нѐ чинеше неколку часа испитување и проверки. За среќа, на крајот и не нѐ раздвоија, но за мене и за брат ми тоа беше ужасно искуство, бидејќи тоа можеше да се случи во секој миг“ – ми раскажуваше мојот берлински другар.
Ѕидот е ужасна траума за целиот човечки род, а најмногу за оние што живееле раздвоени од него. „Животот во Западен Берлин беше нормален, луѓето одеа на работа или во шопинг, навечер се забавуваа и не мораа да почитуваат некаков полициски час или друг режим на движење, продавниците беа снабдени како во Западна Германија. Сепак, секогаш имаше сенка на тензија и притисок поради присуството на Ѕидот. Тоа остави трага врз мене до денес. Таа не се гледа, но секогаш е тука, под површината“ – вели Фло за кого не ми е чудно што израснал во човек кој неуморно се бори за мир и за почитување на човековите права. Тој денес работи низ земјите на некогашниот Советски Сојуз, Африка, а работевме заедно и низ Балканот и во нашата земја.
Кога пред пет години, за првпат се симнав на Коти, како што Берлинерите нагалено го викаат Котбусер, го доживеав Кројцберг како да е мое маало во кое сум живеел отсекогаш, како место во кое најлесно и најбрзо може да се доживее слободата, фраерлакот и мултикултуралноста на овој Берлин. Патем, „фраер“ на германски значи слободен.
Најживописниот дел на Берлин, Кројцберг, е во областа SO-36 (Südost), според поштенскиот код од времето на Ѕидот. Тоа е името и на еден од најпознатите клубови во светот, место каде свиреле и свират светски познати имиња од светот на панкот и рокенролот.
Во Коти кафе седиме цели пет часа. Пушиме цигара врз цигара додека разговараме за Ѕидот. Да, во Берлин, полицијата и градоначалникот велат дека „немаат“ време и ресурси да го гонат тој ситен престап, а и дека нема зошто луѓето да ги тормозат во време и места на релаксација и забава. Така, пушењето е дозволено практично насекаде.
Контактите со источната страна не биле едноставни за оние од западната страна на Ѕидот. Едно трауматично сеќавање на Фло го потврдува тоа. „За нас, влезот во Источен Берлин беше дозволен, па дури и охрабруван од властите на Советскиот Сојуз“ – ја продолжува Фло својата приказна за Ѕидот. „За нив, Советите, тоа беше можност да добијат свежи пари во странска валута, бидејќи секој мораше да размени 10 западногермански марки при преминот, според нивниот нереален курс, наплата за влез, со други зборови. Дозволата за престој во Источен Берлин беше ограничена на максимум 12 часа, најдоцна до полноќ. Секоја друга дозвола беше долга и комплицирана. Во времето кога јас бев дете, многу млади од Западен Берлин сакаа да го посетат источниот дел затоа што баровите беа поевтини, а алтернативната уметничка сцена веќе беше развиена и интересна за истражување.“
„За жал, најинтересните работи се случуваат по полноќ. Така, еднаш мајка ми задоцнила за малку да го премине Ѕидот пред полноќ. Остана во притвор до утрината одговарајќи на бескрајна низа бесмислени прашања од нервозни и груби полицајци. Таа ноќ беше бескрајна за мене, брат ми и татко ми. Тоа уште повеќе го засили моето доживување на Ѕидот како црна кутија во која се крие нешто страшно и опасно. Имав чувство дека, кога ќе му се приближам на Ѕидот, може сѐ да се случи и дека не можам ништо да сторам за да го избегнам. Откако знам за себе, Тој беше таму, застрашувачки студен и нем, бескраен“ – раскажува Фло.
„Секогаш кога му се доближувавме на Ѕидот, за да преминеме од другата страна, се сеќавам, јас престанував да зборувам. Не можев да разберам зошто продавниците се празни. Не можев да ги разберам сите тие проверки, пушките, кучињата, оклопните возила…“ – вели Фло – „Патувањето преку аеродромот во Источен Берлин со унгарски Малев беше три пати поевтино. Така, кога моите родители решаваа да одиме на одмор во Грција, се упатувавме кон Ѕидот. Се сеќавам, јас жестоко се противев. Не знаев тогаш зошто, но не можев да го поднесам тој премин. За да стасаме до авионот, моравме да поминеме низ шпалир од воена полиција со пушки во рацете и кучиња. Тој пат од стотина метри до авионот беше тегобен и долг.“
Берлинскиот ѕид, иако сега само туристичка атракција, за берлинците секогаш ќе остане таму. „Кога разговарам со своите другари кои се родени и растеа во поделениот Берлин, овие спомени сѐ уште се многу живи. Имам другари кои никогаш не одат во некогашниот Источен Берлин, бидејќи им е тешко да ја поминат сега невидливата линија на поделбата. Јас немам проблем да одам во Источен Берлин, но и јас го чувствувам Ѕидот како некоја невидлива брана кога ќе го пречекорам тој дел. Силно чувство…“ – рече Фло со горчина во гласот, гледајќи неодредено пред себе.
Берлин израсна во симбол на слободата и е жив споменик на борбата против тиранијата, на неуморниот отпор против поделбите и предрасудите. Од 13 август 1961 година, кога беше подигнат, до 9 ноември 1989 година, 3,5 милиони Германци пребегаа од Источна во Западна Германија.
Над пет илјади луѓе се обидоа да го преминат Ѕидот за време на 30-те години поделба, во надеж дека ќе стапнат на слободарскиот дел на нивниот град. Стотици луѓе беа застрелани во обидите да го преминат Ѕидот или за време на мирните протести против крвавиот советски режим.
Тогаш, на 9 ноември, пред 30 години, новоназначениот секретар за информации на Централниот Комитет на Источна Германија, Гинтер Шабовски, објави дека преминувањето од двете страни на Ѕидот е слободно. Камче по камче, тула по тула, луѓето на Берлин, ги урнаа ѕидовите. Подоцна се вклучија и булдожерите. Година дена подоцна, Ѕидот беше избришан од лицето на градот. Но, останаа сеќавањата за една децениска траума и грч.
Кога го оставав Берлин, имав чувство дека оставам дел од себе, на чување, во градот на слободата.
Сите права се задржани. Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од Редакцијата FRONTLINE.MK