пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Добар ден, драги геополитички сератори, каде и да сте. Ве поздрави господинот Макрон. А и господинот Пендаровски ве поздрави. И другарот Вучиќ ми рече да ви ги пренесам неговите срдечни приветствија. Конечно, еве и од мене најнтинајн луфт балун полн со целувки, кисови и бакнежи. Во март ќе почнат преговорите со Европската унија. Нека да ја поедноставиме терминологијата. Мини Шенген, како што скроз осамен три пати пишував, не е замена за Унијата. Појдете некаде на покајание, извинете ѝ се на нацијата за траумите што ѝ ги предизвикавте и ветете си дека никогаш на политички и геополитички теми нема да се расправате со Тричковски, ако овој не е пијан, а ако е пијан, уште помалку!
Хахаха!
Ве оставам да си ги лижете раните.
Јас одам да се радувам со Македонија и да се осврнам на една друга тема.
Сите достигнувања на светската борба за слобода, правда и демократија, посебно остварувањата на западниот фронт, во рацете на Македонецот се претвораат во монструозни алатки за самоизмачување. Во животот што тој го глуми. Во македонскиот народен театар. Во инсценации и мизансцени во кои нашиот човек парадира со фантастичната вулгаризација на цивилизацијата.
Така е со изборите, со медиумите, со судиите и адвокатите, со човековите права, со собранието и со собраниските процедури, така е со комплетниот демократски поредок, кој тука е платформа за уништување на демократијата, а не за политичка реализација на модерниот човек. Во нашата вулгаризација демократијата е инструмент за кретенизација на Македонецот, судиите и адвокатите се правосудни инсталации на криминалот, новинарите се медиумски куротресини на партиите и тајкуните, партиите се акционерски друштва за пљачка на државата, изборите се театар за широките народни маси кој им овозможува пљачката да не ја забележуваат или ако ја забележат, полесно да ја поднесат итн.
Но, во процедурите и односите кон сите тие системи, структури, модели, форми и пракси, тоа се брише или се скока, а Македонецот се уфилмува во позата на Швеѓанец, што во комбинација со неговата балканска содржина, делува прилично гротескно.
Така е и со протестите.
Помалку ме нервира идејата на владата да воведе некаков ред, отколку возбудата на јавноста дека ќе ѝ бидат ограничени можностите да мастурбира на општите површини. Јас, се разбира, не мислам дека прашањето на протестите, како и сите други прашања од сферата на модерната конституција на едно општество, можат да се решат само со закони, дури не мислам и дека понудените, па повлечени решенија, беа најдобри, особено иритантен беше предлогот да се забрани протест околу властодржни и резиденцијални објекти или така некако, но оваа позерско плачипичење на уништеното општество по правото кое во практиката тоа исто општество го има претворено во право на бесмислата, слушајте, па, тоа навистина не се трпи.
Уставот ќе бил нарушен!
Не се сеќавам дека имаше протести кога една владејачка гарнитура чипирани идиоти направи и од уставниот и од комплетниот законски аквариум рибја чорба.
Правото на луѓето да го изразат своето незадоволство од што било, дури и преку нарушување на општите системи и преку иритацијата на другите луѓе, со што тие го прават својот проблем видлив, е неспорно остварување на модерноста, но во Македонија тој инструмент на модерниот човек во девет осмини се претвора во спрдачина, во манипулација, во злоупотреба, во иритацијата на другите како примарна цел која се движи зад формалноста на протестот, но го дефинира итн. Не можам да се сетам на повеќе од пет-шест, еве, нека се десет, протести кои имаа некоја своја минимална внатрешна енергија, мотиви и цели: Шарената револуција, секако, Распеани скопјани како некаква предшарена пројава, некои манфестации околу цените на струјата, оние за Мартин Нешковски, парадите на ЛГБТ заедницата…
Другите блокади односно протести се резултат на три доминантни работи: на лажната проекција и ретроспекција на Македонецот околу вината за сопствената несреќа и околу фамозната држава која во неговите очи нема друга работа туку да му ги средува проблемите кои тој ги натрупал со својата неработа или погрешна и залудна работа, партиско-политичката инструментализација на разни слоеви од населението од страна на вмро-дпмне, најчесто, макар што и други партиски структури посегнувале по слични активности и распекмезеноста на државата која или се смета за виновна за страдањата и „страдањата“ на своето граѓанство и селанство, или се чувствува обврзана да помогне, па се труди да ги почитува правилата за протестот дури и во ситуации кога е јасно дека тие правила се злоупотребуваат.
Не е проблемот во тоа што триесетина луѓе ги блокираат главните градски магистрали во Скопје како начин на решавање на своите проблеми, туку кога своите проблеми ги изнајмуваат за блокада на сообраќајот и за предизвикување на општо незадоволство, што во крајна линија е на работ на една криминална активност. Слободен сум да кажам дека повеќето протести низ Скопје ја имаа таа димензија. И по линија на изнајмувањето и по линија на тероризирањето на другите граѓани. Кои, чудна работа, не организираат протести против ваквиот вид на протести на своите сограѓани.
И овој крик на таканаречената критичка јавност, во најголем дел не е мотивиран со одбрана на правото на протест, туку со епските напори за дискредитација на власта, за предизвикување на хаос преку кој скотовите ќе се доберат до власта како што лисицата се добрала до ташаците на јарецот.
Хахаха!
Луѓето се неверојатни. Од една страна се безобразно цинични спрема државата, а од друга страна ја фетишизираат, таа е за нив центар за плати, субвенции, вработувања, инвестирања, крадења, пљачкосувања, загадувања и прочистувања. Државата е одговорна за сѐ, тие не се одговорни за ништо.
Во тие релации луѓето инсистираат на современите алатки и инструменти и проектираат идеални ситуации, но со дистанцата на себе од проблемите тие стапнуваат на платформа на која не се стремат кон правда и слобода, уште помалку кон совршенството, туку одат директно кон засилувачот на субјективното чувство на несреќата со алибито сместено во одговорноста на државата, една, што да ви кажам, садомазо комбинација од најодвратен вид.
Ваквото нормативно теориско и практично третирање на протестите односно на правото на протест, го девалвира тој инструмент повеќе и од лошите предлози за построго регулирање на материјата. Ние сме единствената нација која организира протести за да го зачува статус квото, да не се менува, да остане иста, мрза, социјала…
Така што, драги мои, ситуацијата е посложена отколку што вие мислите. Ние сме тука кај што сме не затоа што протестите беа ограничени, а не и затоа што беа регулирани така како што се регулирани во Уставот. Туку затоа што нашето саморазбирање е такво. И овој како и сите други проблеми е културен, тој не е правен ниту е уставен.
Ако ви е вака добро тогаш- ништо!
Протестирајте!
Неограничено!
Сите права се задржани. Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од Редакцијата FRONTLINE.MK