Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска го посети Дневниот центар за деца на улица во Кисела Вода.
„Многу ми е драго што со почетокот на учебната година, 15 деца кои претходно го посетуваа Дневниот центар се вклучени во процесот на редовно образование. Ова е доказ дека ваквиот пристап навистина функционира. Секако, ова е и нашата крајна цел – преку механизмите за поддршка децата да излезат од системот, да создадеме независни и силни идни генерации“, истакна Царовска.
Сега Дневниот центар го посетуваат од 15 до 17 нови деца кои беа мапирани од страна на стручните работници на мобилните тимови. По претходна писмена согласност на родителите, со возило на ЦСР Скопје , децата се земаат од своите домови и до 15 часови престојуваат во Дневниот центар. Тука прво се запознааваат со културно-хигиенските навики, имаат и воспитно-образовeн дел со што се подготвуваат за вклучување во редовно образoвание наредната училишна година.
Директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Град Скопје, Наташа Станојевиќ, истакна дека во моментот успешно функционираат 7 мобилни тимови кои што работат со децата на улица.
“Стручните лица паралелно работат со нивните семејства, со цел нивно вклучување во системот на социјална заштита. Во дневниот центар се спроведуваат редовни систематски прегледи и се врши имунизација на децата”, рече Станојевиќ.
Дневниот центар за деца на улица работи во рамки на Центарот за социјална работа на град Скопје и е со капацитет до 20 деца. На дневна основа се згрижуваат деца на возраст од 4 до 14 години.