Во јавноста веќе долго време се испратени низа прашања до ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседател. Отворените писма, вклучувајќи го и она од Сашо Мијалков, откако Мицкоски го избрка од партијата, колумните, објавите на социјалните мрежи, па сѐ до низата директни и јасни прашања што му го поставува Костадин Костадинов од СДСМ – останаа без одговор. И денеска, Костадинов повтори дел од прашањата што му ги постави и претходно, а кои се однесуваат на изборите и политичкото финансирање.
Пет дена молк во ВМРО-ДПМНЕ, бегаат од одговор, бегаат од јавноста, не даваат одговор на прашањето дали Орце Камчев ja финансирал изборната кампањата на ВМРО-ДПМНЕ? – праша Костадинов на денешната прес конференција.
Нема одговор ниту за тоа дали сите донации за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори се регистрирани и нотирани во Финансискиот извештај.
„Молкот на Мицкоски кажува многу. Што крие Христијан Мицкоски поврзано со финансирањето на последната кампања, линковите со Орце Камчев, неговите донации или неговата улога во случајот познат како „Рекет“? Нема бегање од вистината ниту од правдата. Мицкоски мора да излезе пред јавноста и да одговори на овие прашања“ – рече Костадинов.
Останува ВМРО-ДПМНЕ да даде одговори на сите прашања меѓу кои се и такви што не ѝ ги должи само на јавноста, туку и на институциите на државата.
Џ. Д.