Угледниот магазин The Economist, на 1-ви октомври во Скопје, организира самит за Западен Балкан насловен „Reinforcing the momentum for European integration“.
На настанот ќе учествуваат бројни гости од земјава и странство, а на панел-дискусиите, меѓу другите, ќе дебатираат поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, поранешниот претседател на Европскиот Парламент Мартин Шулц, поранешниот помошник државен секретар на САД Вес Мичел, заменик-претседателот на ЕП и европратеник од СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Конференцијата официјално ќе биде отворена со обраќањето на премиерот Заев на темата „Стабилност и растот на Југоисточна Европа. Дали сме на правилниот пат?“. Во официјалниот дел свое обраќање ќе има и поранешниот помошник државен секретар на САД Вес Мичел, кој ќе се обрати со говор за „Западниот Балкан во ера на конкуренција на големите сили”.
На првата панел-дискусија Заев, Ципрас и Шулц ќе дебатираат на темата „Кои се следните чекори за европска интеграција на Западен Балкан со посебен осврт на Преспанскиот договор“.
На втората панел дискусија говорници се вицепремиерот Бујан Османи, Гај Верхофстад, член на Европскиот парламент и поранешен премиер на Белгија и Димитриос Пападимулис, потпретседател на Европскиот Парламент.
На третиот панел насловен „Западен Балкан – Оставајќи ги назад ривалитетот и несигурноста“ и новото поглавје со НАТО на кој како говорници ќе учествуваат министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Такан Илден, помошник на генералниот секретар на НАТО, Немања Стевановиќ, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Србија, американската амбасадорка во земјава Кети Мери Брнс.
Четвртиот панел е посветен на економски теми и него ќе се дискутира за економските предизвици за земјите од Западен Балкан и можните начини за поттикнување на регионалната соработка, а како говорници ќе бидат вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерката за финансии Нина Ангеловска, Матео Ривелини од Европската инвестициона банка, Бојан Марковиќ, заменик директор на секторот за економија и политика во ЕБРД.
На последниот панел ќе се разговара за можноста Западен Балкан да прерасне во бизнис центар, како регионот да привлече повеќе инвестиции и како преку иновации да се стигне до поголем раст. Говорници на овој панел ќе бидат Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори, Атранасиос Савакис, претседател на Федерацијата на индустрии во Грција и Марко Мантованели, претставник на Светска банка во земјава, како и претставници од македонскиот бизнис сектор.
Извор: Капитал