Новата концертна сезона „Моја бесмртна љубов“ посветена на Лудвик ван Бетовен, Филхармонијата ќе ја отвори вечерва со почеток од 20 часот со музичката поема „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус, како и Концертот за пијано и оркестар број 1 од Лудвиг ван Бетовен. Со оркестарот ќе диригира извонредниот полски диригент Антони Вит, а концертот е насловен како „Моќта на Заратустра“. Солист на концертот е врвниот руски пијанист Александар Мелников.
Изведбите на Мелников, како што кажува критиката, речиси секогаш се проткаени со блага доза на симпатичен саркастичен хумор, така што ќе биде мошне интерсно да се проследи овој настап на рускиот виртуоз, кој ќе го свири свири Бетовениот Концерт за пијано и оркестар број 1.
„Сезоната ја отвораме со исклучителен солист, диригент и избор на дела кои претставуваат важен сегмент од историјата на музика. Очекуваме фантастичен концерт кој ќе биде одлично интро во новата сезона во која нѐ очекуваат возбудливи концерти на кои ќе настапат врвни солисти и диригенти“, вели Виктор Илиески, директор на Филхармонијата.
„Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус, е симфониска поема инспирирана од истоименото филозофско дело на Фридрих Ниче.
„Како и сите големи музички дела, и ова било изложено на остра критика – „Ова не е музика, туку одбивно чудовиште кое не заслужува да биде наречено музика“. Само воведот во делото бил оценет како „ветувачки“… Во 1968 година, токму тој вовед целосно се интегрира во колективната меморија, стана препознатлива референца во поп-културата благодарение на генијалниот Стенли Кјубрик и неговиот антологиски филм „Одисеја 2001“, соопшти Филхармонијата.
извор: МИА