Граѓаните можат директно да ги почуствуваат вистинските економски реформи кои обезбедуваат достоинствени плати и подобар живот, истакна претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ, Фатмир Битиќи во дебатната емисија „Топ Тема” на телевизија Телма.
„Владината програма се заснова на неколку столба меѓу кои се зголемување на минималната и просечната плата кои обезбедуваат достоинствен живот на сите граѓани.Остануваме посветени да ги реализираме ветувањата во „План за живот” и до крајот на мандатот минималната плата да достигне до 16.000 денари. Ги слушаме социо-економските субјекти и чинителите во економијата со нивните сугестии, потреби и предлози и го мериме перформансот на сите мерки. Постојано сме со граѓаните и работиме исклучливо во нивен интерес“, порача Битиќи.
Битиќи се осврна и на Ребалансот на буџетот за 2019 години кој овозможува субвенционирање на придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување до 100 евра, што воедно претставува поттик на работодавците да ја исплаќаат платата на вработените на сметка, а истовремено обезбедува сузбивање на сивата економија.
Тој додаде дека целокупната позитивна економска клима резултираше со нови работни места и намалување на стапката на невработеност на рекордни 17,5 отсто, а со ребалансот на буџетот дополнително се обезбедени 200 милиони денари за вработување.
„Се преземаат сет на мерки кои резултат ќе дадат на среден рок сè со цел истите да бидат одржливи. Како Влада креираме политики кои ќе ја зголемат ефективноста и продуктивноста на вработените што директно влијае на зголемување на платите. Наша цел е преку системски мерки константно да ја намалуваме невработеноста, да нудиме поддршка за приватниот и јавниот сектор и да креираме нови, добро платени работни места“, заклучи Битиќи.
Извор: МИА