Александар Матовски – Цако денеска го одбрани својот дипломски труд и со тоа официјално стана дипломиран професор по предучилишно воспитание, информираше Радио МОФ
Тој е активист и истакнат борец за човековите права, а исто така е и водител на емисијата „Јас сум Цако“ на Радио МОФ, каде зборува за предизвиците и успесите на лицата со Даунов синдром.
Истакнатиот хуманитарец Денис Јанкуловски, по повод дипломирањето на Цако, на својот Фејсбук профил напиша:
„Денес Лице со Даунов синдром застана исправено пред Комисија, роднини, пријатели, другари и колеги.
Денес ова лице бранеше дипломска работа.
Денес ова лице тоа го направи без нималку трема или можеби неприметливо и успешно ја маскираше.
Денес ова лице ги воодушеви сите присутни.
Денес ова лице ја одбрани дипломската со чиста 10.
Денес ова лице стана Професор.
Денес ова лице ги поби и победи сите неверници, сите оние кои се со стеснети погледи и без визии, им покажа дека секој може ако му се укаже шанса и ако наиде на вистински луѓе.
Денес ова лице ги направи горди сите кои го знаат и познаваат но верувам и оние кои само слушнале за него. Затоа што неговиот успех и борба се значајни за сите.
Денес ова лице е Александар Матовски – Цако.
Цако мене ме направи посебно горд ко паун затоа што ја имам таа среќа и чест лично да го познавам, да го гледам што и на кој начин прави, да му се воодушевувам на енергијата, да седнам со него на едно ирско капучино, да се прегрнеме.
Ова што тој го направи денес на ова поле е показател дека треба да гледаме со целосно отворени очи а не подзамижени. Да гледаме и чувствуваме со срцето, да веруваме во другите, да ги подржуваме, да им помагаме и да се радуваме на нивните успеси ЗАЕДНО.
Нашето почитување и прифаќање се и нивна енергија и сила да се обидуваат. Кога има вакво заедништво тогаш успесите се загарантирани.
Цако, ти денес освои еден многу битен златен медал. Ти посакувам уште многу успеси понатаму, мојата поддршка и помош ја имаш, знаеш. Чекам да прославиме со она нашето капучино
Да си ми жив и здрав Професоре Матовски“
Цако, е добитник на многу награди и признанија, а исто така, беше избран да биде дел од самозастапниците на конференцијата посветена на Светскиот ден на Даунов синдром, која се одржа во 2016 година, во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк. Тој е и еден од танчарите од танцовото студио „Dancers United MK“, кои минатата година го освоија првото место на Светското првенство во модерни танци кое што се одржа во Полска.
Александар пишува и поезија и има објавено неколку стихозбирки.
Честито, професоре!
Ј.Ѓ