Уште еден напад врз лекарски персонал, овој пат во Одделот за интензивна нега во Градската општа болница „8-ми Септември”. Вработените тврдат дека синоќа биле нападнати од роднини на починат пациент, а интервенирала и полицијата.
Вработените утрово протестираа пред канцеларијата на директорот Христијан Костов. Тие бараат посериозни безбедносни мерки.
„Не знаевме од која страна ќе не удрат, можеа пиштол да нѝ извадат. Џабе ми е изјава, џабе ми е сè”, коментираше дел од персоналот кој бара сериозна безбедносна заштита, пренесува 360 степени.
Претставниците на Синдикатот се на состанок со директорот на болницата.
Ова е само еден од низата напади врз вработени во јавните болници и клиники. Последните месеци такви напади се почести.
На почетокот на месецот, лекар во Тетово беше претепан и во присуство на полицијата, а други инциденти и закани се регистрирани и скопска клиника и локалните болници во другите градови.
Покрај напади од револтирани пациенти, во земјава е забележан случај кога лекар усмрти своја колешка пред десетина години. Во овој случај, тогашниот директор на Центарот за рехабилитација, Михајло Ламбевски ја уби колешката Лилјана Угриновска на работното место. Судот пресуди психијатриско лекување за Ламбевски, а семејството Угриновски беше незадоволно од одлуката.
Лекарите веќе неколкупати излегуваа на протести со барања за поголема заштита и безбедност.
Извор: 360stepeni.mk / А.З