По гостувачките изложби од Хрватска, Црна Гора и Србија, Музејот на македонската борба за самостојност има чест да биде домаќин на Историскиот музеј на Босна и Херцеговина и нивната изложба „15 години“.
Како дел од заложбите за презентација на музејските колекции од регионот, Музејот на македонската борба во оваа прилика ќе ја постави фотографската изложба на Џим Маршал посветена на Сараево 1996/2011. Фотографиите овозможуваат прошетка низ Сараево во 1996 година, веднаш по опсадата на градот, а потоа и 15 години подоцна. Изложбата за македонската публика ќе биде отворена на 5 октомври, сабота, со почеток во 19 часот.
Авторот на фотографиите, Џим Маршал е роден во Шкотска, но жител на Сараево, Босна и Херцеговина, цели 25 години. Џим е познат визуелен уметник чија работа се фокусира на промените и општеството, турбуленциите во граѓанското општество, климата и бегалската криза, природната убавина и урбаниот реализам. Неговото најпознато дело „Сараево, Тогаш и Сега“ (познато и како „15 години“) трајно е изложено во Историскиот музеј на Босна и Херцеговина, а истиот музеј е домаќин и на уште едно од неговите дела, „Засолниште“.
Изложбата е дел од манифестацијата Бела ноќ, а специјален музички настап на отворањето ќе има Дуња Иванова со нејзината програма „Слушаме во црно-бело“.
Изложбата ќе може да се погледне до крајот на октомври.