пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Милчо ми се виде благороден, добронамерен и конструктивен во критиката на проектот за поврзување на градот во правецот север-југ, со тунел под Скопското кале. Особено што понуди алтернатива на тоа поврзување, поместена за неколку километри на запад, кон хотелот „Александар палас“, ако добро разбрав. И што во своето образложение поаѓа од потребата од растоварување на централното градско подрачје од вишокот автомобили, како категоричен еколошки императив и постулат на модерните градски организации. Не сум, меѓутоа, сигурен дека во неговата идеја се крие најдоброто решение. Уште помалку имам верба во јавните расправи на оваа тема. Јас сметам дека сите решенија треба да се носат контра јавноста, а не со помош на јавноста, сѐ додека таа јавност не се ослободи од скрежовската хористика, вишокот емоции и дефицитот на здрав разум, со кои ја обдарија политичките процеси во изминативе петнаесетина, ако не и повеќе, години. Јас сум, макар што тоа не е тема, за стручни решенија на дистанцирани фактори. На светски субјекти.
Но, за друго ми беше зборот.
Не се сеќавам дека вака студиозно и ангажирано Манчевски настапуваше кога на македонскиот човек му бушеа тунели во мозокот. За скорешните времиња на модерното ропство зборувам. И во сивата маса и во тоа што таа маса го препознаваше како животна средина. Кога централноградските сокаци за убавина, романтика и љубов, какви што беа ЈНА и Илинденска, беа претворени во булевари на загаденоста и на бучавата. Или кога беше затнат Вардар. Со идиотските мостови и галии. И целата таа југозападна крајречна трансферзала со купиштата груевистички говна обликувани како зградурини за администрацијата на државата што требаше да исчезне. Како дел од најзагадувачкото загадение во историјата на светската урбанистика и архитектура. Како најголемо мирновременско злосторство во историјата на повоена, па и на предвоена Европа. За Скопје 2014 станува збор. Или кога со овој и со сите други проекти, се бушеа тунели во културната матрица на Македонецот, во неговата меморија, во институционалниот, правен и морален код на нашиот човек и на неговата заедница.
Се до интервјуто за „Капитал“, кон крајот на 2014 година, ако не се лажам, кога Македонија веќе беше обезкултурена, обезестетена и обезморалена, со еден збор-убиена!
Јас не го кажувам ова за да му го одземам на Манчевски правото на збор за јавните работи. Тамам работа. Ниту имам такви намери, ниту имам таква моќ, ниту гледам минимална разумност во таквите идеи. Освен тоа, веќе реков дека неговото јавување го сметам за благороден, конструктивен и добронамерен акт, а него за единствениот, вистински, светски, филмски режисер, покрај збирштината на македонски умислености, но она што е погрешно и на што сакам тука да укажам, е опасноста да се оставиме како листови на ветерот на промените, па кога е власта строга или спремна да ги помогне нашите проекти, да забораваме на современите стандарди во развојот на модерните градови, на екологијата и на демократичноста на процедурата, за слушањето на стручната и на општата јавност, да не зборуваме. Требаше да каже дека ова за тунелот го кажува затоа што не може да го поднесе срамот што дозволи најголемиот мирновременски злосторник да му игра по сетот и да го масакрира неговиот град цели единаесет години, без минимум отпор од негова страна. А ако срам не чувствува, да ќути. Да каже и за себе и за многу други, дека во исправањето на новите, реални или потенцијални грешки, одиме со свест за тоа дека индиректно, па и не толку индиректно, сме учествувале во реализацијата на оние од минатото. Во блиското минато. И дека денешниве реакции се знак за враќањето на цврстината на нашата принципиелност и морален интегритет, односно дека нема утре да се свртиме ако власта фати помалку или повеќе, да се фашизира. Свеста за актуелните проблеми е фина работа, но конзистентноста, доследноста и принципиелноста, не се помалку важни. Обратно.
Тоа е идејата на овој текст.
Рем на женските сили на вмро-дпмне, госпожата Рангелова, да речеме, почнува да разбира дека партиските лидери не овозможуваат минимум демократска расправа, но дури откако единаесет години учествуваше во стахановската изградба на култот на личноста на својот омилен говњар, кај кого ѝ беше драго да нема мислење за што било или ако има, да му го нафрли на говњарот на волеј, овој да може да ѝ го шутне во тоалетната школка.
Океј, немам ништо против, дозволувам дека низ плавушастите шишки, на Даниелчето ѝ се јавиле првите контури на здравиот разум и на моралот, но дај да чуеме некое покајание за страшните жртви на кои таа и нејзините женски сили, по директива на Големиот говњар или по сопствени иницијативи, со кои мислеле дека ќе му се додворат, им ги бутаа столчињата на кои стоеја врзани со партиското јаже на вмронските полилеи.
Или амнестираните злосторници од таканаречената независна група лудаци во Собранието. Не може човек да види минимум свест или демонстрација на свест дека биле, помалку или повеќе, важни штрафчиња во машината на нестварното Зло. Еквиваленти на нацистичките управници на логорите. Ја имаат неопходната дистанца, ја имаат државата која фати да се движи во сосема поинаков правец, имаат судски процеси и неброено многу материјали од кои можат да се запознаат со вистинските димензии на тоа зло за кое, можеби, не биле свесни од позициите на кои се наоѓале во неговата срцевина, но ги нема да гукнат дека разбрале дека земјата се врти околу сонцето и дека патриотската умисла не ги ослободува од вината за најтешките зла.
Истото важи и за мојот фаворит кога се во прашање шансите десницата да се обликува во модерна конзервативна партија. За Митко Јанчев ми е зборот. Јас не верувам дека тоа може да се случи така што злото во форма на вмро-дпмне ќе ја смени политиката и реториката, како што очекува или бара Јанчев. Нема што злото да ја менува реториката, злото мора да се означи и уништи. Да се истретира како тумор под кобалт бомба или под скалпел. Но, Јанчев постојано истакнува дека со исклучок на неговото изместување од раководната функција, тој и вмро-дпмне многу убаво се слагаат и соработуваат. Јас дозволувам дека на локално ниво тоа навистина може да биде така, но претензиите врз општите констелации мора да бидат следени со соочување со злосторничките димензии на таа партија, па и со сопствените одговорности. Тој пристап може да ја усложни мисијата на Јанчев, но низ тие премрежја ќе го форматира во вистински лидер од национален формат. Зашто, проблемот со вмро-дпмне не е само проблем на членството и на симпатизерите, туку на целото општество. Нашиот проблем не е во тоа што вмро-дпмне не е на власт, туку во тоа што и сѐ уште постои. И покрај сѐ!