Христијан Мицкоски не собра сили да се огради од криминалот и злоделата на неговиот ментор и шеф Никола Груевски, се наведува во соопштението на СДСМ.
„Со тоа, Мицкоски се определи за Никола Груевски по секоја цена. Најавата за бришење на функцијата почесен претседател, без осуда, без оградување од криминалот на Груевски е уште еден прочитан блеф на Мицкоски. Мицкоски се опкружи со луѓе од режимот меѓу кои и исцелител, но и човек кој јавно на телевизија навредуваше пратеници на СДСМ и бранеше насилници кои насилно упаднаа во Собранието“, се вели во партиското соопштение.
Со такви ликови се борат само за обнова на режимот, заробената држава и груевизмот, велат од владејачката партија.
„Лажните преродби и обнови се стариот крив пат на Груевски и Мицкоски. Членството во НАТО и ЕУ и носењето на парите кај граѓаните е правиот пат. По неколку изборни порази Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат да се подготвуваат за нов пораз на наредните избори, кога и да се“, пишува во соопштението.