Повеќе демократија има во Кина отколку во српските населени места во Косово. Со овие зборови, претседателот на Движењето “Самоопределување”, Албин Курти кој ги доби овие парламентарни избори и е кандидат за премиер во Косово, изразил загриженост за слободите на Србите во Косово, по средбата се претседателот на коалицијата на Србите “Слобода”, Ненад Рашиќ.
За Рашиќ рече дека бил еден од најдобрите министри и е меѓу ретките кој нема никаква дамка или корупциска афера од независноста на Косово. Курти, по средбата, изрази жалење за тоа што на местата населени со Срби немало слободни и фер избори.
“За жалење е фактот што немало слободни и демократски избори кај српската заедница. Господинот Рашиќ нема никаква афера или скандал. Рашиќ е еден од најдобрите министри што го имало Косово, по прогласување на независноста. Разговаравме за неправилностите кои ги придружувале изборите во општините населени со Срби”, изјави Курти.
Новиот претендент за премиерската функција во Косово, додаде дека е многу заинтересиран за интеграција на српската заедница во институционалниот и општествениот живот на Србите во Косово.
“Имаме уставна обврска да ги интегрираме заедниците, не само српската, туку и бошњачката заедница. За мене беше важно да ги видам од блиску штетните влијанија кои се вршат врз нашите сограѓани Срби”, изјави Курти.
Тој рече дека со Рашиќ не разговарале за коалиција, бидејќи ова прашање ќе го разгледаат заедно со Демократскиот сојуз на Косово како второпласирана партија. Курти неколку пати до сега изјави дека е за соработка со српската заедница и конструктивните партии на Србите кои се залагаат за заедничка изградба на косовската држава, а Српската листа неколку пати ја обвини за влијание и притисоци врз Србите во Косово преку поврзаноста со претседателот Вучиќ.
Арбен Зеќири