Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска со осум гласа „за“ констатира дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана го образложи вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска. Таа соопшти дека се работи за системски закон, кој одамна е донесен, ретко е менуван поради потребата од двотретинско мнозинство и, како што рече, на многу места „страда“ и од неусогласености со останати закони и од некои недоследности во поглед на функционирање на целиот одбранбен систем.
„Нашата цел беше да се сконцентрираме на чистење на неусогласености и на обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО. Согласно членството во НАТО ние преминуваме од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана. Заради тоа едно од главните прашања што ги менуваме во законот – во случај на напад на кој било членка на Алијансата, тоа претставува закана за сите и ги мобилизира сите членки, но важи и обратното“, рече Шекеринска.
Во Законот, Владата дава еден предлог на кој начин ќе носат тие одлуки. Според предлогот, Собранието е главната институција која носи одлука во случај на неповолни ситуации и закани по безбедноста да се побара реакција од страна на Алијансата.
„Во дополнителна одредба кажуваме доколку Собранието нема можност да се свика, само во тој случај Владата ја носи одлуката место него и веднаш, на прва седница го информира Собранието за тоа да ја потврди одлуката“, рече Шекеринска.
За процедурата за учество во мисии и операции на НАТО, Шекеринска рече дека досега во нашата законодавна пракса, без разлика дали се работело за мисија или операција на ОН, ЕУ или на НАТО, правилата беа исти – Владата предлагаше, а одлука носеше Собранието.
„Сега за сите НАТО операции, каде државата презема обврска да биде побрза, поефикасна и на време да реагира, одлуката за учество во одредена НАТО мисија ја носи Владата. Но, на крајот на секоја година поднесува Извештај за учество во сите мисии кои Владата сметала дека треба да бидат прифатливи. За сите останати, друг тип операции, кои се меѓународни, но не се на НАТО по својата природа, останува досегашниот систем. Предлогот го дава Владата, одлуката ја носи Собранието“, рече Шекеринска. Таа додаде дека во Законот дополнително се дефинирани ингеренциите на сите институции кои учествуваат во системот за одбрана и стратешките документи кои секоја од нив ги носи.
Шекеринска информира дека со измените на законот целосно се регулира прашањето за учество на цивили, вработени во министерствата за одбрана, за здравство и за внатрешни работи, како резервен состав, доколку самите изразат волја, желба и ако има потреба таков кадар да учествуваат во мисии. Сите наши учесници во мисии, без разлика дали се цивилни лица или припадници на Армијата, ќе ја носат нашата униформа, а обележјето ќе биде исклучиво знамето на државата. Во законот првпат, како што рече министерката, вградуваме принцип на правична застапеност.
За Предлог-законот немаше воздржани или членови кои гласаа против. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија Комисијата на почетокот на седницата. Според нив, СДСМ и мнозинството амандмански интервенирало во веќе усогласениот Закон за следење на комуникациите, кој е двотретински.
„Овој Закон заеднички го усогласивме и предложивме во Собранието. Помина прво читање, едногласно беше усвоен од Комисијата за одбрана, но со усвојувањето на амандманите од Законодавно-правната комисија, Законот во целост ја менува својата суштина. Сметаме дека СДСМ нема капацитет да се усогласува со опозициајта за двотретински закони, не си држи до зборот и праќа лоша порака, дека во иднина било какви преговори можат да бидат амандмански интервенирани во Собранието. Едноставно се нема слух за ставовите и решенијата што доаѓаат од опозицијата“, рече на прес-конференција пратеникот Емил Димитриев.
извор МИА