Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, на средба со коалициските партии, добил поддршка за заеднички настап на предвремените парламентарни избори на 12. април 2020 година. Менувањето на името на коалицијата, Мицкоски го правда со „сериозноста на времињата“, па така, називот „За подобра Македонија“ се менува во „За обнова на Македонија“. Тој тврди бројот на партиите во коалицијата ќе се зголеми.
СДСМ експресно одговори:
Коалицијата на Христијан Мицкоски го менува само името, а во суштина ништо не се менува. Тоа е Коалиција за обнова на режимот, на криминалот и изолацијата. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не можат да понудат ништо освен блокади и деструкција, тие беа единстевните што работеа против ЕУ и НАТО, единствените кои се радуваат на историската грешка на Самитот во Брисел.
Во страв од извесниот пораз на изборите на 12 април, Мицкоски зборува за наводни анкети и негова предност, а во реалноста сите релевантни анкети покажуваат дека Коалицијата предводена од СДСМ е фаворит на изборите кога и да се случат тие.
Со убедлива победа Мицкоски се силеше и на предходните избори, но граѓаните ја победуваа неговата деструктивна матрица. Така беше на референдумот, на претседателските и на вонредните локални избори во Охрид и Ново Село, така ќе биде и на изборите на 12 април.
Крајно лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ после години посветени на ширење на поделби, омраза и национализам денес да зборуваат за подготвеност за вклучување на други партии во коалицијата, вклучително и албански.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се прочитана книга, затоа ќе изгубат и на следните предвремени парламентарни избори на 12 април следната година.