Сенатот на Соединетите американски држави го ратификуваше Протоколот за пристап на земјава во НАТО алијансата. Со тоа, преостанува ратификацијата да се заврши уште во четири членки на Сојузот за на крајот целата процедура да заврши со потпишување на Вашингтонскиот договор во Собранието на Северна Македонија, пишува МЕТА.
Гласањето во Сенатот на САД заврши со 92 гласа „за“ и два „против“.
Амбасадорката на САД во Северна Македонија Кејт Мери Брнз веднаш по гласањето на својот официјален твитер профил напиша дека е многу задоволна од огромната поддршка во Сенатот на САД при ратификацијата на протоколот за пристап на Северна Македонија во НАТО.
– Ова е резултат на многу макотрпна работа и посветеност да се инвестира во иднината. Со нетрпение очекувам да продолжиме да го развиваме и продлабочуваме партнерството на нашите земји, додаде амбасадорката Брнз.
So pleased to see the overwhelming support in our Senate for U.S. ratification of North Macedonia’s @NATO accession protocol. This is the result of much hard work & commitment to investing in the future. Looking forward to continuing to develop & deepen our countries’ partnership pic.twitter.com/UuRLntTz9D
— Ambassador Kate Byrnes (@USAmbNMacedonia) October 22, 2019
На официјалната Фејсбук страница на Амбасадата на САД исто така беше објавен пост во кој се вели дека „Сенатот на САД штотуку го изгласа Протоколот за прием во НАТО на Северна Македонија со огромно мнозинство. Честитки до земјата за сиот напор и макотрпна работа за да стигне до овој момент. Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде во блиска иднина како 30 членка на НАТО“.
На својот официјален твитер профил со честитки реагираше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Честитки! Нашиот #НАТО Протокол е ратификуван во Сенатот на САД со 91 глас “За” и само 2 гласа “Против”! #WeAreNATO #MkinNATO pic.twitter.com/nLTA8N152O
— Радмила Шекеринска (@Sekerinska) October 22, 2019
Инаку, САД е 25 земја-членка на Алијансата која го ратификуваше Протоколот. Процентуално земено тоа значи дека 86 отсто од земјите-членки го поддржаа членството на Северна Македонија. Останува тоа да го направат уште четири земји – Исланд, Холандија, Франција и Шпанија. Се очекува формалното членство да се случи во февруари идната година поради закажаните избори во Шпанија.