Итните потреби за средства граѓаните сè повеќе ги покриваат со позајмување од финансиските друштва. Над 120 илјади корисници ја препознале предноста и им ја дале довербата на финансиските друштва што нудат брзи кредити за клиентите. Најчеста сума што ја барале е до 30 илјади денари, а каматата што ја нудат финансиските друштва е до пет проценти. Корисници се оние на кои им требаат итно средства и немаат време да ги бараат по традиционалните канали во банките, истражува Сузи Котева Стоименова за МИА.
– Пристап до услугите 24/7, најповолни услови за микрокредитирање без дополнителни трошоци, минимум потребна документација, брз и лесен начин на аплицирање, транспарентност во работењето, односно немање скриени трошоци, широка мрежа партнери каде што може да се купува преку, присутно со експозитури во поголемите градови, ги наведуваат од Иуте кредит како предности зошто граѓаните избрале да бидат нивни клиенти и да ги користат нивните услуги.
Забележуваат дека има пораст на издадени кредити за 100 проценти во однос на претходната година и оти се зголемува довербата на граѓаните кон нивните услуги поради транспарентниот начин на работење и оправданоста на трошокот со брзината на услугата.
Истакнуваат дека најбарани се кредитите меѓу 3.000 и 100.000 денари и наменските кредити за купување на 24 рати, а меѓу корисниците се сите што имаат итна потреба од финансиски средства, а притоа ја имаат увидено предноста од брзината и комфорот во услугите споредено со онаа на традиционалните финансиски институции. Аплицирањето е брзо електронски само со лична карта, а одобрувањето е веднаш, можност за аплицирање има и во експозитурите на финансиските друштва.
Нудат кеш-кредити и до 100.000 денари, наменски до 120.000 денари и автомобилски до еден милион денари. На граѓаните им нудат и можност за рефинансирање. Кредити даваат за граѓани од 18 до 75-годишна возраст.
Граѓаните многу често на овие кредити гледаа со недовеба бидејќи сметаа дека имаат големи трошоци, меѓутоа од април годинава со законско решение се утврдени максималните трошоци, односно се ограничи годишната стапка на вкупни трошоци за подигнат кредит, односно вкупниот износ што барателот на кредит го враќа при истекот на периодот на отплата.
– Со ваквата регулација барателите на кредит во Иуте кредит ќе можат да уживаат значително поповолни услови без високи административни трошоци, трошоци за одобрување или какви било други скриени трошоци.
Од финансиските друштва истакнуваат дека имаат раст на побарувачката на кредити, така што податоците на Иуте кредит покажуваат дека имаат одобрено 40.000 кредити, а во Тиго фајнанс 82.000 кредити.
– Работиме речиси две години и за овој релативно краток период можеме да кажеме дека бележиме константен раст на апликации за кредити, а со тоа и на клиенти. Така, досега се одобрени нешто повеќе од 82.000, сега веќе целосно реализирани кредити. Тоа се задоволни клиенти што преку нашата услуга успеале да исполнат некоја непредвидена потреба од финансиски средства. Иако бројот на апликации е поголем, сепак според основните услуги што треба да се исполнат за добивање кредит од Тиго, од сите пристигнати апликации се одобрени 64 отсто. Или, пак, вкупната вредност на одобрени кредити е речиси 840 милиони денари. Бројот на апликации за кредити постојано расте, што зборува за тоа дека расте и потребата кај граѓаните од ваков вид кредити, а со тоа секако и доверба на граѓаните во нашите услуги, истакнуваат од Тиго фајнанс.
Потенцираат дека клиентите од нив сакаат едноставни, јасни и ефикасни услуги без калкулации за користење на овој или оној пакет или потреба.
– Една од причините зошто граѓаните се одлучуваат за кредит во финансиско друштво веројатно лежи во крутоста на традиционалниот финансиски систем и долгите процедури за одобрување. За разлика од нив, ние, како финансиски друштва, нудиме едноставни процедури што се базираат на новите технологии. Тоа значи дека повеќе не е неопходно клиентите да одат по шалтери, да поднесуваат документи и слично, бидејќи ние нудиме едноставна можност за аплицирање преку компјутер, дури и од мобилен телефон, а целиот процес од одобрување на апликацијата до исплатата на средствата трае само неколку минути. Во исто време и постапката за проверка на кредитоспособноста на клиентот и одобрувањето е многу поедноставна и побрза. А сето тоа им одговара на граѓаните, кои во денешно време живеат во едно забрзано темпо, потенцираат од ова финансиско друштво.
Примарната цел на финансиските друштва уште од нивното формирање во 2010 година е тие да бидат во функција на дополнување на традиционалниот финансиски систем и да нудат услуги, пред сè, за неуслуженото население на кое, од различни причини, традиционалните финансиски услуги не му се достапни.
Од досегашното искуство од Тиго фајнанс најмногу апликации има за помали износи на кредити до 30 илјади денари, што е доказ дека за кредит се обраќаат луѓе на кои помали износи на средствата им се потребни веднаш да задоволат некоја неочекувана и непланирана потреба, како здравствена, образовна или пребродување одреден период во кој им се појавиле финансиски тешкотии.
Во земјава работат 26 финансиски друштва. Оценуваат дека довербата од граѓаните кон нив се зголемува, но оти е потреба и континуирана финансиска едукација на населението. Дел од нив се организирани и во Асоцијација на финансиски друштва, кои имаат кодекс за добра практика преку кој обезбедуваат дополнителни мерки за заштита на потрошувачите.