„Политичко економски фактори во реформите и спроведувањето на социјалната заштита “, беше тема на министерската панел дискусија на којашто учествуваше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во седиштето на Светска банка во Вашингтон. Со овој панел започна неколкудневната обуки за социјална работа и заштита коишто се одржуваат во Светска банка.
„Со подобрувањето на квалитетот на животот на најранливите го подобруваме квалитетот на животот на општеството како целина. Реформата во системот на социјална заштита има трансформативен потенцијал за целото општество. Со менувањето на начинот на којшто ги перципираме и се грижиме за лицата во социјален ризик го менуваме и целото општество“, истакна министерката Царовска.
Министерката Царовска пред отворањето на обуките имаше работна средба со Коен Давидсе, извршен директор на Светска банка и преставник на конституенцата на Светска банка во Северна Македонија. На средбата тие разговараа за социјалната реформа којашто успешно се имплементира веќе неколку месеци во земјава, како и за инвестирањето во човечкиот капитал.
Останатите теми на следните панел дискусии на настанот во Вашингтон се зајакнување на социјалните услуги за подобрување на животот и животните услови на граѓаните, проширување на пристапот и подобрување на квалитетот на социјалните услуги, вклучително и предучилишното образование за ранливите групи.