Успеавме да ги оствариме резултатот за кој сонуваа генерациите во изминатите речиси 30 години и еве не, на чекор до членство во НАТО. Оваа масовност вечерва, во преполна сала покажува дека Малешевијата и Берово сакаат оваа држава да остане на правиот, на вистинскиот пат, со овие зборови го започна обраќањето заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска на граѓанската трибина „На прав пат“ во Берово, пренесува МИА.
-Од моментот кога сакаа со крв да спречат промена на власта, за само 2.5 години успеавме да го оствариме резултатот за кој сонуваа нашите генерации 30 години наназад. Тој резултат, тој успех, таа наша победа, не ни падна од небо, не ни го поклони никој. Тоа е резултат на желбата и храброста на граѓаните и способноста, истрајноста на оваа Влада предводена од СДСМ, додаде Шекеринска.
Заменик претседателката Шекеринска рече дека уште само три држави е потребно да го ратификуваат нашиот договор за да бидеме дел од најмоќниот и најбогатиот сојуз во светот-НАТО.
-Очекуваме Холандија и Франција да завршат во наредните неколку недели. Во Шпанија зависи од изборите но очекуваме наскоро и таму да се заврши. Но без разлика дали ќе се стигне до декември, нашиот премиер на Самитот на НАТО ќе биде на масата со Трамп, со Меркел, со Столтенберг, таму каде што ни е местото.
НАТО не значи само безбедност, стабилност и сигурност, НАТО значи и инвестиции. Со самата покана за НАТО ние успеавме да донесеме 4 пати повеќе инвестиции отколку времето на ВМРО-ДПМНЕ, рече Шекеринска на граѓанската трибина На прав пат во Берово