Македонското здружение на млади правници соопшти дека во месец јули 2019 година поради континуираното аерозагадување, поднесе тужба пред Граѓанскиот суд во Скопје против Владата на РСМ, Министерството за животна средина и Град Скопје за утврдување на повреда на правото на здрава животна средина, правото на здравје, право на приватност на личен и семеен живот и неповредливоста на домот и преземање на мерки.
„Со тужбата се бара утврдување дека тужените ги повредиле правото на здравје, правото на здрава животна средина, право на приватност, на личниот, семејниот живот и правото на неповредливоста на домот затоа што од периодот од 2007 до 2018 година, не преземале неопходни мерки и активности согласно законските должности за справување со аерозагадувањето и редуцирање на PM 10 честичките во амбиентиот воздух. Здружението побара да се утврди и дека од 2013 до 2018 не се преземени неопходни мерки за да не се надминат гранични вредности на PM 2.5 честичките.
Се тужбата исто така, се бара ревидирање на законските и подзаконските акти со цел постигнување на хармонизација на националната легислатива со директивата на ЕУ 2008/50/ЕК; овозможување на систем на непречена размена на податоци, воведување на санкции/казни на централно и локално ниво поради неусогласеност со целите и политиките за квалитет на воздух, да се обезбеди буџет за работењето на мерните страници и други мерки за подобрување на квалитетот на амбиентиот воздух“, информираат од Млади правници.