пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Океј, Гоце и сите комити се дел од македонската историја, но најголемиот успех на таа и таква историја е во тоа што произведе контексти во кои мојата историска реализација беше испречена пред неверојатни хендикепи. Можете од аспект на државата, историјата да ја толкувате вака и така, но од аспект на човекот, таа е обично срање. Од чија смрдеа, ако има уште малку памет, ќе треба да се дистанцираме, а не да се идентификуваме. Ние како поединци, како индивидуи, како субјекти, а не како маса, да не речам како руља.
Искривоколчение и тешка лага или заблуда, претставува тврдењето дека ние постоиме благодарение на нашата историја, не ние се распаѓаме благодарение на неа.
Ова не е антимакедонство, туку единствен конструктивен пристап кон прашањето на идентитетот. Фактот дека цело време индивидуата е држана како роб на историјата, дури и во моментите кога беше ослободена да краде и пљачкосува од сопствениот дом, односно тогаш особено, денеска има трагични последици врз општата кондиција на државата и на нацијата, па и на националната историја. Македонската историја умира преку мртвиот поединец. Што таа го закла. Тој мртов индивидуалитет, е тапиот нож со кој самата си го сече вратот.
И затоа е многу важно да се свртиме кон поединците.
Во рамките на систематски произведуваната хистерија, опозицијата успеа во ритуали на најголемата примитивност, од најголемите херои на нашето време, да произведе предавници и бандити со национална лиценца. Тоа и не е така лошо затоа што на јавната сцена се исфрлија јасни критериуми на диференцијацијата за која зборувам: Заев и Димитров се радикален отклон од колективистичката историја и психологија, што отсекогаш се базирале на дневните и краткорочни опортунитети, во рамките на кои газодавањето се откупувало со очекувањата дека некој од надвор или од внатре, денес-утре, ќе му го обезбеди на народот, што од дебати не стигнува да работи ништо друго, шведското ниво на живот, култура, чист воздух итн.
Неуспехот со датумот му дава на нивниот коперникански отклон, одредена трагика како највозвишено чувство. Сосема обратно од плачипичестиот трагизам на поразот и на смртта во кој национот ужива да се капе во срањата на вмро-дпмне како Дита Фон Тисе во млекото од лавица.
Или беше од магарица, не сум сигурен кое животно ми доаѓаше во мислите додека ја лижев во собата 505 во хотелот „Фор сизн“ во Лондон.
Тоа што во името на општото добро тие решија да го прифатат ризикот и да одат контра лажниот, хистеричен, опортунистички, патетичен интерес на масата, артикулиран од една злосторничка инсталација, имено, во функција на нејзините злосторнички цели, е голем историски преседан кој оди во насока на културолошките реформи за кои се залагам во овој текст и за кои се залагам во сите текстови наназад педесет години.
Јас се надевам дека првичниот шок по неуспехот во Брисел, ќе го насочи општото расположение во оваа насока. Во насока на валоризација на индивидуалните напори и успеси. Кон вредносен систем кој ќе ги стимулира луѓето на подвизи какви што направија премиерот и министерот за надворешни работи во изминативе две, две ипол години.
Тоа е политичко, но, пред сѐ, тоа е културно прашање.
Тоа прашање на културата што ја разори транзицијата.
Со вмро-дпмне како пнеуматски чекан со кој Македонците решија да се поудираат малку по главата.
Во тој вредносен контекст јас го сместувам и поведението на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јачев. Најмалку по две основи. Прво, по разбирањето на својата функција како работа насочена кон интересите на сите граѓани, а не на партискиот врв од Скопје. Тоа што од централата го напаѓаат, ме потсетува дека и Заев беше и е напаѓан како човек кој премалку води сметка за интересите на своите, а многу се занимава со интересот на сите. Како божем неговите не се од сите. И второ, по спремноста да се спротивстави на политиката на раководството на својата партија, ако е погрешна и води во погрешна насока.
Како што е.
Таа критика, како и онаа на Богојески, јас ја разбирам како конструктивна. За разлика од критиката на социјалдемократските опозиционери, која е злобна и крајно деструктивна.
Тоа е тој индивидуализам за кој зборувам што и кај Јанчев и кај Заев и кај Димитров е изразен и низ нивните политички ангажмани, се разбира на различно ниво, и низ нивните лични пласмани во бизнисот или во други професионални области.
Јас се согласувам со Јанчев дека во кратко време Мицковски успеа да го надмине Груевски според ригидноста на разбирањето на нештата и во формулирањето на политиките.
И дека партијата мора да се реформира.
И имам една октава повеќе:
Ќе се согласите дека едноличниот врисок на вмро-дпмне и пред Брисел и по Брисел, е како предвечерна грака на ситите чавки по крошните на тополите и јаворите во Аеродром. Фирмата која направи сѐ да не го смениме името, да не го смениме уставот, да не смениме ништо од нас и од нашите скапаници, понеже усраноста и исчезнувањето се нашите највисоки национални и државни интереси, значи, да не добиеме датум, сега глумата дека ѝ е многу тешко поради неуспехот на владата за кој дадоа сѐ од себе.
Па где то има, бре!
Комплетниот пакет со кој стигнавме пред влезот на Европа е врвно политичко-дипломатско остварување и без датумот.
Тоа мора да биде јасно како што Евангелието по Марко му е непорекливо на кој било поп.
Главната опозициска партија е претворена во фундаменталистичка секта на најпримитивниот дел од општеството. Со смртоносни цели, во тоа не треба да има никакви сомневања. Тоа што таму се фундира не е национализам, тоа е тешко глупантропство, црвен плашт со кој македонскиот бик се мами да дојде под мечот на вмро-дпмне. Го нема тука љубопитството и страста од првите години на партијата, па, дури и од првите години на Груевски, сѐ е сведено на надежта дека на глупоста ќе ѐ се дадат крилја ако лидерот е доволно глуп и злобен. Условот е исполнет, молам, а моќта и отпорноста на бикот ќе ја видиме на 12 април.
Знам како оглупавената маса може да ги толкува овие редови. Но, јас пак ќе кажам: ова не е заложба за сдсм, ова е заложба за создавање на демократски услови за нормален политички натпревар. Тоа не е можно додека општеството не расчисти со нестварно идиотските опции на Мицковски. Тоа становиште не е против него како хидроцентралист кој останал без хидроцентрали, туку како партиски лидер кој има амбиции да управува со државата. Похрабра би била одлуката на Илон Маск да ме тури да му го возам првиот шатл на Марс, отколку на Македонија, да им го даде на Мицко, на Дибек и на анестезираниот Јанушев, да ја водат државата. Па, чекајте, ние не сме на некое политичко ниво, ама, пак, толку ниско не сме паднати. Се надевам. Се надевам дека и бизнис заедницата и интелектуалната елита ќе ја разберат суштината на конфликтот и дека ќе стигнат да се ослободат од своите погрешни проценки и оправдани, но лошо насочени, незадоволства.