Една година откако работи Оперативно-техничката агенција (ОТА) директорот Зоран Ангеловски изразува задоволство од начинот на кој функционира и нагласува дека е основана со цел да оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации. Во интервју за МИА говори за улогата, надлежностите, можноста за злоупотреба, при што истакнува дека не постои можност повторно да ни се случат „бомби“ или „Големото уво“.
Ангеловски за МИА вели дека не е точна сумата од 7.000 евра што беше објавена во јавноста за киријата што ОТА ја плаќа за нејзиното седиште во „Телеком“. Во интервјуто говори и за бројот на вработените, но и за бројот на случаи во 2019 година во кои ОТА технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите. Во 2019 година заклучно со септември, ОТА технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите вкупно во 369 комуникации.
ОТА започна со работа на 1 ноември 2018 година, формирана е со Законот за ОТА. Задоволни ли сте како функционира во текот на изминатата година? Кои се улогата и главните надлежности?
Да, секако дека сум задоволен од начинот на кој функционира ОТА во текот на изминатата година. Имено, ОТА е основана со цел да оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации. Што се однесува на главните надлежности на ОТА, таа претставува самостоен и независен државен орган, кој обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи. OTA дејствува како посреднички орган, кој воспоставува технички премин помеѓу операторот и овластените органи, но ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација.
Со колку вработени функционира?
Моментално ОТА функционира со 21 вработен. Можам да кажам дека со моменталниот број вработени ефективно и ефикасно се завршуваат сите работни обврски и задачи од делокругот на надлежност на ОТА. Во наредниот период се очекува екипирање на кадарот со уште неколку лица и во тек се подготовки за спроведување соодветна постапка за вработување.
Како и по чија наредба ОТА може да прислушува? Со сегашната поставеност, според Вас, можно ли е повторно да ни се случат „бомби“ или „Големото уво“?
Како што веќе истакнав, ОТА обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи, при што потребно е да се нагласи дека ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација, што значи дека ОТА не прислушува. Техничката поврзаност се обезбедува исклучиво врз основа на судска наредба заради спроведување на следењето на комуникациите во согласност со Законот за следење на комуникациите, односно ОТА постапува само врз основа на добиена судска наредба.
Сметам дека не постои можност повторно да ни се случат „бомби“ или „Големото уво“ од причина што ОТА во своето работење се раководи и се придржува на законските одредби, односно доколку не добие судска наредба, ОТА не обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи, што значи дека не се овозможува следење на комуникациите. Воедно, сакам да истакнам дека ОТА подлежи на многу контроли, во кои се вбројуваат: Собранието на Република Северна Македонија, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Народниот правобранител на Република Северна Македонија, Советот за граѓанска контрола, судовите и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, поради што можноста за противзаконско работење на ОТА е сведена на минимум.
Во колку случаи во 2019 година ОТА технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите? Дали меѓу нив има и за потребите на СЈО?
Во 2019 година заклучно со септември, ОТА технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите вкупно во 369 комуникации.
Имено, ОТА не прави никаква разлика од кого потекнува барањето за следење на комуникациите, важно е да постои соодветна судска наредба. Дали барањето потекнува од Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за национална безбедност или кој било друг овластен орган, за ОТА не игра никаква улога.
Каков е Вашиот став за несогласувањата меѓу позицијата и опозицијата во однос на контролата над работењето на Агенцијата поврзано со техничките експерти кои треба да ѝ помогнат на собраниската Комисија за следење на комуникациите?
Пред сѐ, сметам дека формирањето на Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите претставува позитивен момент, кој ќе овозможи придонес во процесот на реформи на безбедносниот систем во државата. Имено, досега се остварени неколку посети од страна на собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите и можам да истакнам дека ОТА максимално соработува при вршењето надзор од страна на Комисијата. Што се однесува на кадарот кој располага со стручно техничко знаење од областа на следењето на комуникациите како дел од Комисијата, ОТА е на став дека е неопходно ангажирање технички експерти, кои ќе помогнат и ќе придонесат со своето стручно знаење во вршењето надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите. Во таа насока, се наметнува потребата од постоење листа на технички експерти кои ќе бидат ангажирани од страна на Комисијата и кои во своето работење ќе бидат максимално професионални и објективни.
Дали на сигналот на ОТА веќе се приклучени и законски овластените за пристап до ПИ-мерките БЈБ, УБК сега АНБ и финансиската полиција, Царинската управа и Военото разузнавање, плус истражен тим од обвинителството?
На сигналот на ОТА се приклучени дел од овластените органи. Што се однесува на останатиот дел од органите, на тоа поле активно се работи и се остварува континуирана соработка помеѓу ОТА и овластените органи, со цел исполнување на техничките, просторните услови и човечките капацитети и овозможување сигнал до оние органи кои сѐ уште не се приклучени.
ОТА е со седиште во „Телеком“, сметате ли дека киријата на просториите што се во државна сопственост е превисока 7.000 евра?
Најпрвo, сакам да истакнам дека сумата што е јавно објавена не е точна. Имено, не станува збор за 7.000 евра на месечно ниво. Сепак, нема да ја наведам точната сума од причина што се работи за договор со клаузула за доверливост, во кој ОТА е само една од страните. Понатаму, со оглед на местоположбата на локацијата на која се наоѓа ОТА, како и со оглед на просторните и техничките услови (систем-сали, континуирано напојување со електрична енергија), кои се обезбедени од страна на „Македонски телеком“, и тоа во најкраток временски рок, со цел ОТА навремено да почне да функционира во согласност со Законот за ОТА, ве уверувам дека сумата за кирија воопшто не е превисока, како што наведувате, туку, напротив, станува збор за сосема реална сума.
Во текот на една година од работењето имате Ваши укажувања за тоа во кои делови треба да се интервенира за да се обезбеди поефикасно работење?
ОТА веќе подготвува предлог-решенија за унапредување на процесот на следење на комуникациите, како од технички така и од процедурален аспект. Во интензивна комуникација сме со обвинителствата, судовите и со сите субјекти до кои испраќаме сигнал и во блиска иднина следува советување во кое ќе бидат вклучени сите институции што се дел од процесот на следење на комуникациите, со цел унапредување на процесот, негова ефикасност и сигурност.
Исто така, ОТА активно работи на унапредување на нивото на опремата што ја поседува, при што максимално се трудиме да ги следиме сите новитети со цел да одговориме на предизвиците што ги наметнува технолошкиот развој.
Цветанка Миновска