Со откривање на идентична реплика од скулптурата на споменикот „Жртви на фашизмот“ во месноста Дабница, која пред повеќе години беше уништена, денеска Општина Прилеп го започна чествувањето на „3.Ноември“, Денот на ослободувањето на Прилеп.
Споменикот реплика од оригиналот е направен од полимер бетон, а го изработи скулпторот Сашо Попоски.
„Стариот сквернавен и оштетен споменик од бронза е составен и ќе биде поставен во Меморијалниот музеј 11 Октомври“, посочи градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски.
Директорот на Завод и музеј Прилеп Благоја Атанасоски изјави дека споменикот е максимално реконструиран и врз база на таа реконструкција е направен и калапот за новиот споменик.
Одбележувањето на празникот продолжи со полагање свежо цвеќе пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Могилата на непобедените и споменикот кај месноста Песјобрдце.
Во рамки на одбележувањето беше промовирана и публикацијата фотомонографија „Ченто – биографија низ фотографија“ од авторот Рубинчо Белчески, а во издание на НУ „Завод и музеј“ – Прилеп.
Беше обновена и бистата на спомен обележјето на Блаже Спиркоски – Воденски, пред Домот на УЗ „Тризла 1“.
По повод Денот на ослободувањето на Прилеп, 3.Ноември, вечерва со почеток во 19 часот, во големата сала на ЦК „Марко Цепенков“, ќе се одржи свечената седница на Советот на општина Прилеп и доделување на наградите „3.Ноември“
извор: prilep.gov.mk.