Македонскиот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, е отворен и достапен и како човек и како политичар, некои би рекле и премногу. Тој секојдневно е на располагање и е отворен за многубројните прашања од медиумите и од граѓанките и граѓаните. Затоа, тешко е да се формулираат прашања на кои Заев до сега не дал одговор барем неколку пати.
Наспроти тој предизвик, во ова обемно интервју со Зоран Заев, FRONTLINE.MK доаѓа до извонредни одговори и нови информации за состојбите, постигнувањата и следните чекори. Ова интервју се занимава со големите македонски теми и проблеми. Притоа, во прашањата е вграден гласот на многу граѓанки и граѓани од различни заедници од целата земја. Многумина ќе се препознаат во овој разговор со Заев.
Самото интервју нуди одговори за најгорливите политички теми во земјата. Нашиот соговорник одговара директно и искрено на сите прашања за политичките, општествените и економските состојби во земјата. Разговаравме за правдата, социјалната политика, концептот „Едно општество за сите“, политичкиот реваншизам, компромисите за „мир во куќа“, екологијата, предвремени парламентарни избори…
FRONTLINE.MK: На граѓанскиот протест на 17 мај 2015 година, пред близу 100.000 луѓе кажавте дека нема да има реваншизам кога ќе дојдете на власт. Тоа ветување го исполнивте, иако со тоа налутивте многумина токму од редовите на Вашата партија. Дали беше политички паметно да се држите толку цврсто до тоа ветување?
ЗОРАН ЗАЕВ: Јас сум свесен дека дури и губиме политички поени. Го констатиравте тоа и вие. Изморена е државата од поделби, од реваншизми и од лоши, непријатни ситуации, каде што се гледа дека брат против брат удрил, не знам, луѓе против луѓе. Ние сме мала земја. Јас многу често ја користев фразата – браќа сме, толку сме, роднини фаќаме, мала ни е државата… Верувам дека, ако успееме да се надминеме во сите тие наши поделености – треба да има различности, во ред е да бидеме различни со сè – но не треба тоа да роди гнев, не треба да роди реваншизам, освета или слично, затоа што, ако се надминеме, верувам дека многу ќе ѝ бидеме од помош на државата.
Тоа и го направивме. Две и пол години, еве две години и пет месеци, откако ја имам честа да ја водам извршната власт и ова парламентарно мнозинство кое што опстојува, испративме пораки на помирување, направивме чекори каде треба да си подадеме рака, им кажавме на сите кои се дури и од противничкиот табор, на набабрената јавна администрација од противникот во минатите 11 години: Дечки, фер шанса за сите, дајте, работете. Значи, ние сме овде за да и служиме на државата, граѓаните нè плаќаат, од нив земаме плати, дајте да работиме. Без разлика кој од која политичка провиниенција е, или не припаѓа на ниту една политичка провиниенција, треба да знаат дека главниот услов за останување на државна работа, во една јавна администрација, ќе биде професионалноста, ефикасноста, ефективноста во работењето.
Не смее државата да си дозволи и понатаму да биде слаба во опслужувањето на јавната администрација, пред граѓаните пред стопанството, пред сите. Така што, во тој правец се движат и реформите. Апсолутно не гледаме политички на тоа, но дефинитивно, не сакајќи да има реваншизам, треба да знаат сите дека мора да се потсредиме дома.
FRONTLINE.MK: Но вие сте свесни дека тоа Ви носи многу негативни поени, дека администрацијата е преголема, неефикасна и скапа, дека има партиски војници што земаат плата, а не одат на работа, а да не говориме за тоа дека во администрацијата се вгнездени партиски војници на бившиот режим што ги злоупотребува јавните ресурси против Вас и против македонските стратешки интереси. Што ќе преземете?
ЗОРАН ЗАЕВ: Еве вака… Затекнавме некаде околу 165.000 вработени во јавната администрација. Кога бевме во опозиција верувавме дека е некаде над 180.000, но видовме дека се 165.000. Во моментов таа е или под или околу 140.000. Значи, намалена е јавната администрација, во севкупни бројки. Не знам колку луѓето го знаат овој податок, но тоа е важно. Голем дел од луѓето таму отидоа во пензија, ја напуштија јавната администрација… Не се пополнети сите места, односно таму каде што не треба, туку се пополнуваат таму каде што треба. Тоа е значајно. Но треба да знаат граѓаните дека ние сме свесни дека се даваат плати на луѓе што ништо не работат. Тоа мора да се промени, тоа не смее така да остане.
Ама избори иделе? Нека идат избори. Манчевски ме прашуваше: Претседателе како продолжуваме? Да си ја тераш до крај агендата со реформите во јавната администрација. Тие треба да бидат правични, транспарентни, сите да знаат. Го правиме тоа заедно со коморите, со синдикатите, со сите, заради тоа што државата дефинитивно ќе подаде рака овде – ќе понуди пари за преквалификација, за доквалификација и слично, за сите оние што ќе видат иднина во приватниот сектор. Свесен сум дека сите тие милиони и милијарди денари и те како може да ги искористиме за многу поблагопријатни мерки кои ќе донесат дури и гласови, но не го правиме тоа заради тоа, затоа што сакаме да бидеме чесно поставени.
Треба да знаат сите, дека реформите мора да се случат во сите области па и во јавната администрација. Гледате дека разговараме за покачување на платите, ние немаме проблем, но секаде се врзани за реформите. Еве и за образованието, разговараме со СОНК, но министерството и СОНК мора да ја направат реформата и нивелацијата, така наречена методолошката интеграција во образованието. Да се знае кој е носител на дејност, тоа се учителот, наставникот, професорот, кои се стручните служби: тоа се педагозите, психолозите, дефектолозите, социолозите внатре и што е администрацијата.
И ќе видиме дека имаме пет хигиеничари во истото школо, за разлика од соодветното каде има само еден. Не е во ред. Или, имаме 250 деца со 70 наставници, и 250 деца во друго училиште со 25 наставници. Значи ред и поредок мора да се стави насекаде, овде го земам само примерот на образованието.
Ќе дадеме плата, но мора да се средат работите внатре. Тоа го направи Труд и социјална политика во детските градинки, во центрите за социјални работи. Гледате, покрај петте отсто, сега и шеснаесет отсто зголемивме. Немаме проблем и во тој дел, но мора да се средат работите. Тие што се вишок, треба да знаат дека треба да се заблагодариме, тоа што е недостаток – да, ќе се вработи, немаме проблем во тој дел, но реформата мора да ја направиме.
Реваншизмот не го сакаме. Свесни сме дека ваквата политика ни однесе многу поени, но државата доби. Се надевам дека во иднина и политичките партии и сите други, искрено се надевам, кога треба да застанеме зад државата, ќе застанеме заедно. За жал досега тоа не го чувствувам, барем не од нашите опоненти. Кога треба да се конфронтираме, треба да се конфронтираме, оти тоа на крајот тоа ќе донесе квалитет, но она што е обврска на сите, треба да застанеме сите зад неа.
FRONTLINE.MK: Донесени се голем број мерки во сферата на социјалната правда, ресорот социјална политика во Вашата влада е популарен и омилен кај многумина. Поради тоа, од една страна се слушаат критики од типот: „Ова е премногу. До кога ќе им попуштаме на слабите и сиромашните, на оние што не се снашле во животот?“ Од друга страна, Ве критикуваат дека им попуштате на богатите и моќните. Кој е Вашиот одговор и за едните и за другите?
ЗОРАН ЗАЕВ: Ние сакаме на, ранливите, по тешко снаодливите, сиромашните, обесправените, државата да им се најде. Но, тоа секако мора да биде со добар план, осмислено, за да му дадете марифет и занает како да ја лови рибата, а не да му давате риба на човекот. Затоа, мерките кои што одат и до 300% зголемување на социјална помош, веднаш во нив има вградено фокус на државата да им понуди работа, да ги доквалификува и преквалификува сите приматели на социјална помош. Затоа, кога ќе им се понуди работа, ако ја одбијат првиот и вториот, ќе ја изгубат социјалната помош.
Односно, имаме категории на граѓани, тоа се наши сограѓани кои што дефинитивно имаат потреба од социјална заштита. Тоа се лица со посебни потреби, со телесен инвалидитет, со психолошки инвалидитет, имаме секаков вид на наши сограѓани и тука државата мора да води грижа. Еден дел од тие луѓе се работоспособни. Развивајќи ги сите тие мерки, им даваме можност навистина да заработат плата, да нема потреба да примаат социјална помош.
Државата им помага во делот на придонесите, во делот на поддршка на компаниите што ги вработуваат овие категории, ги доразвиваме таквите методи. Но, сите оние што се работоспособни, мора да ја прифатат таа работа и да напредуваат во таа работа, да растат, да создадат сè поквалитетен живот.
Истовремено, компаниите секаде каде што добиваат поддршка, а добиваат 70, 80 милиони евра годишна поддршка, сите се поврзани со критериуми – ако им дадете поголема плата од 300 евра, толку имате, ако отворите повеќе работни места, толку поддршка добивате, ако е тоа извозно ориентирано, толку поддршка. На крајот, има рефлексија кај граѓанинот, работникот, нашиот народ.
Затоа постои државата во сите современи земји – преку извршната власт, преку Буџетот – да ги „испегла“ овие дисторзии што самиот капитализам, со својата грозотија, знае да ги направи.
Целта ни е да имаме поголема средна класа, луѓе кои се работоспособни, сами заработуваат, со достоинство, а не само да примаат социјална помош, но и компании што ќе ја одржат својата профитабилност и капацитетност за проширена репродукција, добиваат помош од државата, но имаат среќни работници кои имаат перспектива за поголеми плати, за унапредување во кариерата… Тука го правиме овој убав баланс и верувам дека дава резултати и тоа многу видливи.
FRONTLINE.MK: Дали Владата доволно работи во промовирањето на зелените вредности и на прогресивните зелени политики? Има ли таков капацитет во Владата да ги разбере и да ги спроведе зелените вредности?
ЗОРАН ЗАЕВ: Јас жалам што почнавме последните години да работиме на оваа работа како држава. Многу порано требало да се работи, многу пари отидоа во глупости според мене – споменици, музеи, непотребни работи, во џебови на политичари… Тоа беше актуелниот момент. Мал дел да отишло на тоа, веќе ќе бевме во поинакво светло. Но, почнавме. Што се случува? Огромни милиони се инвестираат во адаптирање или во вградување на нови системи од еколошки аспект и отстранување на нееколошките системи: во болници, во детски градинки, во училишта, во јавни објекти, каде што се заменуваат самите системи за греење на установите, од нафта, од дрва, од фосилни горива, во природен гас, во инвертери, во нешто што е еколошки. Дополнително, во градинките и во училиштата, пред сè, набавивме пречистувачи на воздух. Директно интервенираме во филтрите на јавните компании и тука имаме поддршка преку ФИТР и преку поддршка на индустријата, директно.
Гледате дека ние сме единствена власт која што го сопре Југохром и губиме гласови, веројатно, таму луѓето земаа плата, но екологијата и здравиот живот се многу важни. Додека не се постават филтрите, а тие почнаа да се работат, нема пуштање на Југохром. Држиме до таквите мерки.
Продолживме понатаму. Инвертерите, покрај редовната програма од која што набројав само неколку моменти, 618 милиони денари, што е повеќе од 10 милиони евра, директно, за огромен број на граѓани, во јасно таргетирани области: Скопје, Тетово, Кичево и Битола, со конечна цел да почнеме, барем во тие четири града да ги менуваме грејните системи од фосилни горива, од нееколошки системи, да вградиме еколошки системи.
Но, да не заборавиме дека спроведовме постапка на повеќе од 65 хектари површина за 65 мегавати за нови фотоволтаици. Тие се новите производствени капацитети за производство на енергија. За 22-23 милиони евра е распишан тендерот за новите филтри за РЕК Битола. Ги чистиме сите згури што беа од Топилница Велес, Југохром. Продолжуваме на развојни програми на супституциите преку премиумите и за приватни инвестиции во фотоволтаици.
Дополнително, поддржавме уште 200 мегавати од ветерници. Ги форсираме и малите хидроцентрали таму каде што се еколошки и не ги загрозуваме националните паркови, заштитените подрачја во државата. Строго во области каде што тоа е еколошки загарантирано. И те како многу се прави во државата.
Ефектите ќе ги видиме можеби дел во оваа година, дел во наредната година, дел после година-две-три, но инвестираме сериозни пари. Никогаш, никој не инвестирал вака. Од буџетот на државата и од јавните претпријатија, како што се ЕЛЕМ и другите, годишно се инвестираат повеќе од 30-40 милиони евра за екологија. Тоа се огромни пари и верувам дека ќе дадат резултати. Ги поттикнуваме побогатите и сами да си ги заменат системите на греење, самите установи во своите буџети имаат пари за адаптација кон еколошките системи за греење.
Зошто го зборувам тоа? Затоа што најголем дел од загаденоста на воздухот доаѓа од домаќинствата и од грејните системи на јавните институции, после тоа, од јавниот превоз, од индустриските капацитети и од други причинители. Ги анализиравме добро, правиме нешто што светот се прави и тоа во модерните, развиените земји. Иако ние сме земја во развој, инвестираме многу во оваа област, затоа што нема повредна работа од здравјето на луѓето.
FRONTLINE.MK: Некои би рекле дека во социјалната правда и во екологијата никогаш нема доволно пари, колку и да инвестирате. Што се однесува до инвертерите, би сакал да Ви пренесам порака од една општинска средба во општина Велес, дека и тие ви сакале да се најдат на таа листа. Што се однесува до зелените вредности, верувам дека Владата ќе посвети внимание на разбирање на „зелените вредности“ и на нивната промоција, особено затоа што тие подразбираат пред сè почитување на човековите права и достоинство. Верувам дека тоа го имате предвид.
Но, да преминеме на една доста сериозна и тешка тема. Како планирате, во услови на длабоки поделби во општеството, по сите основи, не зборуваме само за етнички и верски поделби, туку и за социјални и политички поделби, да ги спроведете концептот и стратегијата „Едно општество за сите“?
ЗОРАН ЗАЕВ: Тоа е еден од императивите и главните стратешки определби на државата. Зошто беше вака неопходно вака да се постави? Затоа што во изминатите 11 години се појавија, пред да се промени власта, сериозни национализми, до ниво на радикализам. Тие продуцираа, ќе ги потсетам граѓаните, тепачки во автобусите, пукање и бодење меѓу младите од различни етнички или верски заедници, насилства во средните училишта и слично. Тоа не е живот.
Мултиетничка ни била државата отсекогаш. Затоа, тргнавме со еден нов концепт „Едно општество за сите“ кој дава резултати. Да напоменам, две и пол години никој не го става на маса како проблем во Република Северна Македонија. Не е проблем, затоа што конечно сме фокусирани на сите, на Граѓанинот, на Човекот. Тој е центарот на светот!
Без разлика на неговата етничка, културна, религиска, социјална припадност, важно е дека е еднаков граѓанин, со сите, еднакви, права, но и обврски во општеството. Во такви околности, предизвик ќе биде претстојната изборна кампања, изборниот период, заради тоа што на голема врата, конзервативните и десните партии сакаат да го вратат етноцентризмот, односно повторно да зборуваат за „чиста Македонија“, за „Македонија на Македонците“ и слично, а тоа не нѝ треба.
Јас верувам дека ваквите политики ќе бидат уште еднаш поразени и тоа многу сериозно. Гледам, уште во предвечерието, на крајот на годината, изборите се за 5-6 месеци, ајдеее, почнаа да се дигаат националистите. Не нѝ треба тоа.
Тоа ќе го победиме сите заедно. Имаме обврска да го победиме тоа, сите во државата, затоа што државата ја гледаме и за време на Илинденско востание и за времето на борбата против фашизмот, па дури и поназад низ историјата, земјата била мултиетничка. Здружена, сплотена, единствена.
На крајот на денот, само да се потсетиме, секое семејство има исти проблеми, сите сакаат да имаат подобра перспектива за своите деца, подобро образование за своите деца, сите да бидат побогати колку што се може. Да им обезбедат поквалитетен живот на своите деца, но и сите имаат еднаква потреба од правда за сите, еднаква социјална димензија, квалитетно здравство, еднакво за сите. Не постојат контрааргументи за ова. Политичарите злоупотребуваат заради политички поени, да „подгреваат“ народ.
Ние не сме богата држава, многу лесно се долева бензин на огинот во вакви околности. Но дефинитивно, некој може да добие политички поени на краток рок, но ваквите политики, должност ни е да ги поразиме. Покрај стратегијата што ја развивме заедно со граѓанските организации, застанаа сериозни експерти. Практична имплементација се случува секој ден во нашето општество, развиваме и нови алатки и модели, како тоа да го направиме.
Во иднина, сакаме да правиме манифестации, културни и спортски, каде што, на пример дечињата од Гевгелија ќе поминат, на пример, една или две недели во Гостивар. Ќе се натпреваруваат, ќе имаат заеднички концерти и фестивали. Ќе можат заедно да ја презентираат својата традиција, обичаи, храна, нивното секојдневие… Да ги споделат работите и да ги почувствуваат заедно. Да видат колку нашата разнолика култура е сериозно богатство, наша предност, наш капацитет, што и тоа како ни е предност пред останатиот дел на светот каде што сме позиционирани и нема да застанеме тука.
„Едно општество за сите“ е, како што реков, императив и стратегија на оваа Влада, на моите политики, на политиките на мојата политичка партија, коалицијата којашто ја предводиме и таа ќе расте во духот на „еднаквост за сите“, едно општество, еднакви граѓани. Верувам дека граѓаните сè повеќе и повеќе ќе стојат зад еден ваков концепт.
FRONTLINE.MK: Да прејдеме на една тема која се однесува на не малиот број компромиси кои ги направивте во изминатите 2,5 години, и во Владата и во составувањето на Владата и во политиките, меѓутоа и во Парламентот. Јасно е дека тие компромиси се во насока на постигнување на напредок во интеграциите, тоа се големи, гигантски скокови во интегративните процеси на државата. Меѓутоа, исто така, тие „топат“ еден добар дел од поддршката кон Вас. Дали трпите притисоци и дали и понатаму би правеле отстапки за „мир во куќата“?
Во таа насока, би сакал да Ве прашам и за вашиот најголем коалициски партнер ДУИ. Тие на претходните предвремени парламентарни избори изгубија голем дел од својата моќ и својот електорат, Вие им помогнавте да се вратат, делумно. Преку локалните избори и на други начини. Сега сме повторно пред предвремени парламентарни избори кои се согласивте да ги организира државата. Кој има подобра понуда за Албанците, Вие или ДУИ?
ЗОРАН ЗАЕВ: Комплексно е прашањето. Прво, граѓаните треба да знаат дека не постои никаков притисок за било какви компромиси на штета на правната држава. Никој не разговара за тоа. Тоа е тема која не е присутна во нашето секојдневие и уште еднаш ја користам приликата, да испратам апел до Правосудството: Народот очекува брзи и транспарентни одлуки. Тие знаат како да одлучат, тие знаат што е по Закон, што е аргументирано, каде постојат докази или не.
Но, не е прифатливо после две години да се враќаат предметите од Специјалното јавно обвинителство на самиот почеток. Не е прифатливо бесконечно да се одложуваат рочиштата. Тие имаат одговорност, затоа што сите земаме плата од нашиот народ, не само политичарите, туку и обвинителите и судиите, кои имаат одговорност да носат брзи одлуки, транспарентни и јасни за граѓаните. Аргументирани одлуки, каде што под светлото на будното око на јавноста, преку вас, медиумите, народот ќе може да ги даде своите коментари, дали е задоволен или не е. И тоа мора да се менува.
Да не заборавиме, од 49 пратеници што ги добивме, нашиот опонент имаше 51, успеавме да составиме Влада. Притоа, во еден процес, успеавме да го зголемиме парламентарното мнозинство, за да биде постабилна Владата. На крајот, обезбедивме 81 пратеник, да ги гласаат Уставните промени заради големите договори што ги постигнавме со што конечно се отворија интегративните процеси на нашата земја. Во едни такви околности, успевме да останеме на правиот пат.
Значи, имаме веќе пресуди, јас знам дека не се задоволни граѓаните, и јас не сум задоволен. Тие пресуди мора да бидат конечни, мора да влезат во затвор, да одговараат пред Законот, за коишто недвојбено постојат доказите. Еден добар дел од нив, дури и во судница, си ги признаваат делата.
Ајде, што се чека? Да се пресечат одлуките, да се има одговорност. Одговорност не е дека ќе се исполни суетата или чувството на некој граѓанин, не знам, на Заев или на било кој. Не! Туку да ја испрати пораката, да не се повтори повеќе. Тоа е смислата на правосудниот систем и на носењето на одлуките преку транспарентни, непристрасни, и без влијанија, правосилни судски пресуди. Јас тоа го очекувам и, дефинитивно, ние и нашиот коалициски партнер изградивме доверба низ сите овие големи процеси што се случуваат.
Имаме слабости ние, има и партнерот, имаат и другите помали политички партии кои се во коалицијата, но генерално, за стратешките работи сме заеднички определени и не само тоа. Веруваме во економските перспективи, заедно работиме на нив, веруваме во реформите и заедно работиме на истите. Во зависност од тоа колку сме посветени и заедничката иднина ќе ни биде загарантирана.
Но, би сакал да видам од партнерите од другите етнички заедници да бидат профилирани како политички партии. Како адресираат гласови и сакаат да добијат гласови и од други етнички заедници, а не само од таа што ја застапуваат. Не зборувам само за ДУИ, за Алтернатива, за ДПА коишто се во Владата, зборувам за турските партии, зборувам за ромските партии, за српските, влашките, бошњачките партии што се внатре. Мило ќе ми биде да видам како од Заев земале македонски гласови и гласаат за нив. Мило ќе ми биде, како што јас привлекувам бошњачки, албански, турски, влашки, ромски и српски гласови. Тоа е убавината, тоа е иднината.
Ние покажавме, покрај парламентарните избори во 2016 година, кога земавме преку 65% од гласовите на помалкубројните заедници, преку 30.000-40.000 албански гласови. Отидовме на локани избори, гласавме едни за други како луѓе, неетнички. Тоа е многу голема работа. Триесет и една партија застанавме зад сегашниот претседател, Стево Пендаровски. Голема работа направивме, немојте да застанеме тука. Одговорност е на партиите да се менуваат, со должност кон државата. Ако се за мултиетничка земја, која што, во духот на „Едно општество за сите“ е свесна дека е „ветер во грб“ на сите, должност е да го работат тоа.
Не ми беше мене лесно кога губев македонски гласови, затоа што изградив еден ваков концепт и застанав зад него. Ги гледав и ги броев секој ден како ги губам. Можеби дел од нив вратив на изборите потоа, затоа што сфатија луѓето дека тоа е иднината. Тоа и е иднината на нашата земја. И од неа не смееме да се откажеме.
На овие избори, ќе победат тие што веруваат токму во тој дух. И други ќе се обидат, на „мала врата“ да го вратат национализмот, па дури и радикализмот, го чувствувам како се појавува. Од ВМРО-ДПМНЕ нема дилема, тоа е така, видливо е. Но немојте другите партии да се обидуваат во тој дух. Сите тие ќе изгубат на крајот како партии и само ќе ни направат едно големо добро.
Јас не се откажувам од тој концепт. Ако треба и партнерите во сопствената коалиција со тој концепт ќе ги победам. Јас, сите ние, граѓаните коишто веруваме во тој концепт. Заради тоа што, знаат сите, тоа е иднината! Кога ја прават математиката, гледам колку се алчни да зграбат гласови, но се лажат. Тоа е краткорочно, нема да им донесе ништо добро, ќе изгубат на крајот на денот. Ние остануваме на концептот „Едно општество за сите“, нашата понуда ќе биде еднаква. За мене, за нас, граѓанинот е центарот на светот и вниманието! Ќе се понудиме пред секој, на секоја врата ќе тропнеме да го привлечеме граѓанинот да остане како што велиме на „right track“, на вистинскиот пат, затоа што друг пат за оваа наша мултиетничка земја, нема.
FRONTLINE.MK: Вашите поддржувачи, гласачи и сопартијци од Вас очекуваат да ги поведете во решавачки политички и изборен дуел со ВМРО-ДПМНЕ. Некои од нив велат дека овој пат СДСМ ќе го згази ВМРО-ДПМНЕ. Го прашувам Зоран Заев: Ќе го прегазите ли ВМРО-ДПМНЕ?
ЗОРАН ЗАЕВ: Немаме намера никого да „прегазиме“. А што ќе ги победиме, ќе ги победиме, тоа го знам. Тука дилема нема.
Зборував зошто ќе ги победиме. Заради тоа што секој граѓанин во оваа наша земја знае кој е правиот пат. Секој граѓанин, само малку да помисли, што е алтернативата, не само што треба да биде контра на таа „алтернатива“, туку треба да се ужасне и да се постави пред одговорноста за државата. Ако, не дај Боже, се случат промени, иако сум убеден дека ќе победиме, веднаш ќе имаме кавги со Грција и со Бугарија. Човекот не го употребува уставното име на државата, зборам за Мицкоски, за неговата партија, за сите тие поддржувачи. Веднаш имате кавга. Веднаш паѓа Преспанскиот договор и имате нови кои ќе ве блокираат насекаде. Нашите соседи во моментов се први пријатели и поддржувачи. Со Бугарија ќе се случи исто. На крајот, тоа што најмногу ме боли, ќе се обидат повторно да ги вратат меѓуетничките тензии во државата, тоа ме ужаснува.
И тоа не е задача и обврска само на Заев, тоа е обврска на сите. Да стават прстот на челото и да помислат, „во кој првец?“.
Не сме ние сјајни, имаме свои слабости. Убавината е во тоа што ги признаваме грешките. Се повлекуваме, ги коригираме грешките, дискутираме… Слобода е. Никогаш ваква слобода немало. И во јавниот дискурс и дебатата која што постои од секој можен аспект. Тоа е огромна вредност.
Демократија е и одиме кон уште поголема демократија. Немојте да ги изгубиме тие вредности. Ние политичарите сме минливи и менливи, но државата не смееме да ја враќаме назад. Со нови кавги со соседите и со целиот свет. Кавги дома не нѝ требаат.
Луѓето не понудија ништо. Тешко им е да кажат дека сакаат мултиетничка земја, тешко им е да се оградат од националистичките политики и криминални политики на Никола Груевски. Истите тие луѓе се. Денеска слушам нови криминали ќе се потврдуваат за сегашното раководство. Еј, во опозиција криминали и незаконски работи прави. Срамота е тоа.
Значи, во едни такви околности, јас знам дека ќе ги победиме. И знам дека народот наш, ќе одлучи да продолжи по вистинскиот, правиот пат. Патот кој нè носи да бидеме „рамо до рамо“ со развиениот западен свет. Тоа е нашата граѓанска аспирација. Кој го нуди тој пат, треба да застанеме зад него. Со сите предности и слабости, учиме од себе, се коригираме… Но има, и тоа како, лесно видливи промени, во споредба со тоа што беше нашата земја пред две и пол години. Уште еднаш го кажувам тоа.
Еве денеска, без разлика дали е припадник на власта или на опозицијата, секој е исправен пред Правосудството. Нема никакво влијание, никаква заштита, правосудниот систем мора да работи независно. Во социјалната заштита се гледа подеднакво за сите. Нема веќе во партиски штабови да се дели социјална помош. Не! Транспарентна е за сите. Секој има пристап до социјалната помош.
На крајот, секој има пристап и до работно место. Тоа се големи придобивки. Дајте да продолжиме по тој пат, затоа што тоа ѝ го должиме на нашата земја и на нашите деца кои доаѓаат после нас. Секој чекор вратен назад, после треба децении да се исправи. Видовме што значи уназадувањето. Треба големи жртви, големи храбри одлуки да се донесат.
Во овој период од две и пол години, за големите работи, како кукавици се скрија. Ниту имаа храброст за Договорот со Бугарија, ниту за Договорот со Грција. Ги немаше никаде, а зборуваат за Европска Унија и НАТО. Па не сме паднати од Месечината! Без овие договори, нема ни „Е“ од Европска Унија, ни „Н“ од НАТО. Сите го знаеме тоа. На домашен план, две и пол години.
Па една „ограда“ од Груевски да направеа, една. Ништо. Потоа, продолжуваат со концептот на национализмот што не носи резултат. Јас знам дека тоа можеби за нив, популистички, е привлечно, заради гласови… Но не носи иднина на оваа држава. И од тој аспект сум сигурен дека ќе ги победиме.
Јас сум присебен човек, не сум нахален. Прегазувањето го има и во мои редови, викаат – „Шефе, сега треба да ги прегазиме, ова да се заврши“, но јас велам – не, ќе ги победиме. Со новата победа, ќе бидат приморани да се реформираат. Да се понудат на сите етнички заедници, да изградат пријателства и тие со соседите, да имаат јасни позиции ако се за ЕУ и НАТО. Тоа да го потврдат. Оти и Никола Груевски беше за ЕУ, ама сè повеќе ја оддалечуваше земјата од тој пат. Тоа не беше пред 100 години, беше пред две и пол години. Да не забораваме што може да добиеме ако продолжиме по правиот пат и што може да изгубиме ако тргнеме по патот што влече назад.
Разговорот го водеше: Џабир Дерала
Обработка на текст и транскрипт: Ивана Терзиевска Зафировска и Јане Ѓорѓиоски
Фотографија: Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски