пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
На состанокот на Европскиот совет во март, веднаш по локалните избори во Франција, Унијата повторно ќе се наврати на темата за Северна Македонија и Албанија, при што се очекува двете држави да добијат датум за почеток на преговорите.
По реакцијата на европската и светска политичка и интелектуална памет, која без резерви го изрази своето разочарување од решенијата на бриселскиот самит и своите стравувања од крајно неповолните импликации и за двете земји и за регионот, но и за Европа, изгледите за позитивен исход се многу добри. Авторот на овие редови доби такви информации од највисоко ниво.
На посебен начин тие беа потврдени и за време на посетата на претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли на нашата земја, од заменик претседателката на францускиот сенат, Елен Конве-Муре во Скопје како и од Жан Ив Ле Дриан, француски министер за надворешни работи, во интервјуто за “Та неа”. Тој таму кажа дека европската перспектива на Северна Македонија и на Албанија воопшто не е доведена во прашање и дека тие се најзрели кандидати да ги започнат преговорите и да се зачленат во ЕУ по завршување на неопходните реформи. Вистина, тој говори за мај, но се говори дека мај е предоцна и дека се ќе се знае во март. Притоа, тој навел два принципа врз основа на кои Франција очекува да се реформира пристапниот процес. Првиот принцип е прогресивност, кој ќе предвиди конкретна полза за државата-кандидат и нејзиното население ако земјата напредува. А вториот принцип е реверзибилност: земјата-кандидат да може да биде вратена на почеток ако бележи назадување при преговорите за членство.
Принципи со кои Македонија немаше проблеми и во Брисел.
И Метју Палмер, при престојот во Скопје, во име на американската администрација, изрази слични оценки. Не треба да има никакви сомневања дека заложбите на Американците, особено по јасните сигнали дека долгогодишните инвестиции во политичките и мировно-безбедносните процеси во Македонија, можат да бидат доведени во прашање со нејзината дестабилизација, битно влијаеја врз ваквиот развој на ситуацијата.
Кај француско-европските извори се нагласува факторот дека новата методологија на која инсистираше Макрон, веќе е пуштена во процедура и тоа во контекст дека на тој начин се исполнува важен предуслов за ревизија на бриселската одлука. И оценките од повеќе извори дека двете земји не се одбиени одат во насока на враќање на оптимизмот и на спречување на реално можниот негативен развој на настаните.
Со задоволство ја прочитав колумната на Михаел Рот. Поради разумноста и визијата, поради европскоста во неговиот поглед и поради моќта на изразот на германскиот министер за Европа и помошник министер за надворешни работи, да ги сублимира расправите во јасни интерполации на процесите.
Како да ги читав сопствените колумни.
Нека не звучи нескромно, но и јас ги споделував оценките дека решенијата на Бриселскиот самит беа огромна (историска) грешка, дека блокадата на Северна Македонија и Албанија нема разумни мотиви, резони и оправдувања, дека претставува нето штета, дека проширување на Европската унија не е против продлабочувањето односно против реформирањето, дека Западниот Балкан не е надворешен двор на Унијата, туку внатрешно подрачје, дека стабилизацијата на Балканот е европски интерес, односно дека, ако ЕУ им сврти грб, ќе го препушти просторот на други играчи: Русија, Кина, Турција.
И дека тој став ќе ги зајакне силите кои се против реформите, националистичките и антиевропските групации, дека по таа линија ќе води во дестабилизација, што го помага и изнудениот потег на премиерот Заев да оди на предвремени избори.
И Рот се залага на пролет Унијата да се врати на темата и да си ги исполни ветувањата.
Јас верувам дека и претстојната средба меѓу Макрон и Пендаровски е овозможена со ваквиот развој на ситуацијата и дека уште повеќе ќе го продлабочи тој процес. Не се сомневам дека нашиот претседател ќе успее да му ја долови на шефот на француската држава вистината дека европската перспектива ги засилува реформските капацитети на државата меѓу другото, така што го спушта значењето на ретроградните националистички сили и дека отсуството на тие перспективи ги јакне антиевропските групации кои и денеска се главна кочница во реформите. Во тие споени садови, европскиот столб мора да биде полн за да биде на минимум столбот на срамот, назадништвото и антиевропејството што го полни вмро-дпмне.
Така што, драги мои, тркалото се врти, разумноста и интересите на земјите поврзани во европската целина од економија, култура, право, мир, стабилност и безбедност, ги совладува сите отпори и победува. Северна Македонија можеби не е толку важна за Европа колку што е Европа важна за Македонија, но кога се ќе се искалкулира во сите сложености, тука се некаде тие значења.
Е сега, ако Аца Лигљата, Дибек и хидрицентралистот без хидрицентрали, тргнат на турнеја по Европа да кажуваат колку е опасно Северна Македонија да добие датум, демек работа што ќе ги уништи изборните шанси на вмро-дпмне, и ако ја вклучат разузнавачката рингла на овдешниот Езоп, со сапуницата “Сексот, градот и рекетот”, на деветка, може пак да нѐ скокнат.
Хахаха!
Можете да ми верувате, драги пријатели: можат да шетаат, не по Европа, можат да шетаат и по ќерамиди и да пишуваат епизоди за попови со мртвечки сандаци полни со изрекетирани пари, џабе им е, Северна Македонија оди во Европа.