Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган соопшти денеска дека припадници на турските безбедносни сили ја уапсиле сопругата на покојниот лидер на терористичката Исламска држава Абу Бакр ал Багдади, пренесе МИА.
– Америка објави дека Ал Багдади се убил во тунел и веднаш почна медиумска кампања, а јас сега првпат кажувам дека ние ја заробивме неговата сопруга и од тоа не направивме спектакл, истакна Ердоган.
Тој потсети дека припадници на турската војска претходно ги уапсиле и сестрата на Ал Багдади, нејзиниот сопруг и ќерка.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 27 октомври соопшти дека Ал Багдади го активирал елекот со експлозив кој го имал на себе во момент кога американската војска го лоцираше и го опколи во тунелите под неговото засолниште.