Изборите секогаш негативно влијаат на инвестициите, особено на странските директни инвестиции, но се надевам на добар политички амбиент во земјава и на позитивна насока во преговорите со Европската Унија што секако ќе помогне за реализација на веќе планираните инвестиции, порача денеска претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) Неби Хоџа, пренесе МИА.
– Како бизнис заедница СКСЗМ годинава инвестираше 42 милиони евра што е речиси двојно повеќе од лани кога имаше инвестиции од 23 милиони евра. За пофалба е што имаме за 100 проценти зголемени инвестиции во ситуација во која и немаше баш добар амбиент за инвестиции. Тоа покажува дека бизнисите кои се веќе стабилни во државава имаат однапред испланирани инвестиции и ги реализираат согласно планот, изјави Хоџа во одговор на прашање по доделувањето на наградите Топ 100 на СКСЗМ.
Тој изрази надеж дека и покрај изборите политичкиот амбиент во земјава ќе биде на добро ниво и оти во позитивна насока ќе одат преговорите за евроинтеграции.
– Тоа ќе има дополнително позитивно влијание кај нашите, а најмногу кај странските инвестиции. Се надеваме дека ќе бидат разрешени и нашите барања за олеснување на бариерите со кои се соочуваме во секојдневниот живот и дека ќе нема дополнителни проблеми со соседните држави во транспортот, давачките и царинските бариери за бизнисите, рече Хоџа.