Луѓето од власта, кои треба да бидат пример како еден политичар да се однесува, денес водат политика на кради и бегај. Тоа е политиката на СДСМ и Зоран Заев. Јас сум свесен дека ние не можеме се да решиме. Но сакаме честито и чесно да кажеме, ние нема да ветуваме се, но тоа што ќе го ветиме, тоа и треба да го испорачаме, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во кампањата „Разговори за Обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“ во Радовиш, пренесе МИА.
Мицкоски појасни оти е свесен за некои наши грешки од минатото, но подготвен е да ја прифати одговорноста и да научи од грешките од минатото, а потоа да понуди соодветни решенија за тие грешки.
-Се сеќавам кога Зоран Заев, врхушката од СДСМ за време на предвремените парламентарни избори во 2016-тата година патуваа, шетаа низ нашата Македонија и ветуваа во Кочани дека ќе ги зголемеле цените за оризовата арпа, за оризот. Па велеа дека ќе имате загарантиран откуп, ќе имате цени по 25-50 денари и за оризовата арпа и за оризот. А, денеска во Кочани и кочанско луѓето велат јас немам намера ниту пак сакам повеќе да ја работам нивата, бидејќи не се исплати, вели Мицкоски.
Според Мицкоски, Заев во Тиквешијата, Кавадарци и Неготивно ветувал дека ќе имало загарантиран откуп за грозјето по повисоки цени, ќе имало субвенции, па дополнителни стимулации, но денеска, како што додава, заборава на тие ветувања.
Во однос на постигнатиот договор меѓу МОН и СОНК, Мицкоски вели дека ова зголемување од 10 отсто е ништо во споредба со реалната состоја во којашто денеска требаше да бидат примањата на вработените.
Тој потсети дека Синдикатот во образование, наука и култура потпишале колективен договор со Владата, но тој договор изминативе три години не се почитува.
– Ќе ве потсетам Синдикатот во образованието, науката и културата потпиша колективен договор со Владата на Република Македонија и тој колективен договор изминативе три години не се почитува. Зошто? Затоа што постојат коефициенти, тие коефициенти се однесуваат на минималната плата и денеска наставниците во основното и средното образование доколку Зоран Заев и оваа влада го почитуваат колективниот договор требаше да бидат минимум 31. 250 денари, а да не зборуваме денеска за овие понижувачки трошки од 10 отсто, вели тој.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ, како што појаснува Мицкоски, веднаш по формирањето од мај месец ќе се врати кон колективниот договор и почитување на истиот договор и платите на вработените во образованието, науката и културата ќе бидат согласно колективниот договор и ќе бидат поголеми од 10 отсто.
Мицкоски вели дека се зголемува бројот на младите кои ја напуштаат државата, и дека неговата партија има план и знае како да го промени тоа.
-Никој со сила не го тераше Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и останатите да ги редат оние чевли пред Владата и да велат дајте го гласот за нас, и ние ќе ви ги вратиме децата. Ние имаме план и знаеме како тоа да го промениме. Стојам овде пред вас во Радовиш и ги слушам сведоштвата на луѓето додека проминував тука низ пазарот. Велат децата да ни ги вратите. Не можам да ветам дека ќе ги вратиме децата, но можам да ви ветам дека ќе работиме 24 часа, ќе има многу пот, крв и солзи додека тие деца од прв до последен не успееме да ги вратиме назад, вели Мицкоски.