Eврокомесарот Јоханес Хан не сака одново да ги подгрева надежите дека е можно Европската унија наскоро да донесе одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Факт е дека до Самитот во Загреб во мај работите мора да бидат расчистени, но не би сакал да шпекулирам дали одлука ќе се донесе на Европскиот совет во март, вели комесарот Хан во интервју за 360 °.
„Беше интересно и за оние што беа критични и ставија вето, да ја видат меѓународната реакција, која беше јасна и едногласна реакција – сите рекоа дека станува збор за огромна грешка со далекусежни последици, ако не се промени. Секако, за политичарите не е секогаш лесно веднаш да го променат мислењето, но мислам дека се предизвикаа одредени рефлексии и ние сме подготвени да помогнеме и да најдеме решение зашто огромен дел од земјите-членки, поточно најмалку 25, се за „зелено светло“ за почеток на пристапни преговори“, изјави Хан.
Италија вели дека притиска и дека ќе има вонредна дебата за прашањето за проширувањето на претстојниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ закажан за 19 ноември. Што може да се очекува од овој состанок?
„Не сум сосема сигурен дека ќе биде баш така. Знам дека има одредени дипломатски обиди, но има и одредени земји-членки кои мислат дека ова би било преурането. Добро е што прашањето останува на агендата, што за него се дебатира, што има состаноци меѓу амбасадорите во Брисел, но и во Европскиот парламент и што оваа тема се „држи во живот“ што значи дека треба да најдеме решение пред Самитот за Западен Балкан во Загреб“; вели Хан.
Има информации дека е можно да се постигне некаков договор, одлука во март, што би претставувал најпогоден датум, зашто карактерот на Самитот во Загреб во мај не е да се носат одлуки.
„Се согласувам дека на овој самит работата веќе треба да биде јасна и да биде напредната, но не сакам да шпекулирам и да ги кревам очекувањата за тоа дали ќе биде во март или подоцна. Сметам дека она што денес можам да го кажам е дека многу луѓе и во земјите-членки и во Брисел и во Европскиот парламент се желни и решени да работат на ова прашање и да ја исправат одлуката од октомври“, вели Хан.
Сте виделе ли некој конкретен предлог од Франција за нова методологија во процесот на пристапување?
„Не нешто конкретно. Има одредени прашања што циркулираат наоколу и многу од нив, од моја перспектива, веќе постојат во процесот. На пример, околу приоритетите или фокусирање на владеење на правото – ова веќе е клучен елемент во нашиот процес, веќе ја имаме можноста за суспендирање на преговорите ако, на пример, има назадување во владеењето на правото. Секако, ниту еден од овие процеси не е неповратен…“, изјави Хан.
Целото интервју можете да го погледнете тука.