пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во своето интервју за загрепскиот дневен весник „Вечерњи лист“, првиот човек на опозицијата од земјава изнесе многу невистини во однос за преговорите меѓу Македонија и ЕУ, обидувајќи се да го правда францускиот претседател Макрон како лице кое го блокирало почетокот на преговорите. Мицкоски излезе со теза дека францускиот претседател не бил единствен, односно дека отпорот кон нашето барање за исполнувањето на ветениот датум за старт на преговори, наводно имал поширок консензус во Брисел.
СПИН:
На прашање на новинарот зошто Макрон ги блокирал пристапните преговори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вели:
Најнапред морам да ве исправам: сметам дека ова не беше еднострана одлука на претседателот Макрон, како и дека со него се неколку земји-членки кои имаа аргументи за одлуката која ја донеле… Зборувам за многу влијателни земји кои тешко дека донеле импулсивни и неоправдани одлуки.
[Извор: Вечерњи Лист, датум: 7. ноемврри 2019)]
КОНТРАСПИН:
За верување е дека оваа теза на претседаелот на ВМРО-ДПМНЕ не најде плодно тлo кај сите кои ја следаат оваа тема. Јасна беше ситуацијата во текот на носењето на одлука во однос на барањето на Северна Македонија, односно нејзиното недонесување во формална смисла.
Случајот сакаше и самиот Макрон да го демантира Мицковски во интервјуто кое го даде за лондонски „Економист“. Интервјуто го пренесе и редакцијата на „Дојче Веле“ на македонски јазик.
Тоа беше објавено на 7 ноември, истиот ден кога и интервјуто на Мицкоски со наслов „Макрон: Сите во ЕУ беа за преговори со С. Македонија, но не и со Албанија“. Во поднославот стои „Францускиот претседател Макрон во интервју за магазинот Економист вели дека е подготвен да се согласи да започнат преговори со Скопје, доколку во следните месеци се реформира процедурата, а земјата продолжи со реформите.“
Во текстот веднаш, на почетокот на цитатот на статијата стои: „Францускиот претседател Емануел Макрон ги обвинува останатите држави-членки на ЕУ дека се задскривале зад француското вето за почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија на самитот во Брисел, и дека во суштина, согласност за зелено светло имало само за Скопје. Тоа пак, според него, ќе било фатална грешка. Во интервју за британскиот магазин Економист водено на 21 октомври годинава, а објавено денеска, Макрон вели дека ќе попушти за преговори со двете земји, но само доколку во следните месеци се направат реформи на преговарачката процедура, а Скопје и Тирана довршат уште некои реформи. Но нема да попушти за натамошно проширување на ЕУ“.
Од горе цитираното јасно се издвојува ставот на самиот Макрон за неколку работи:
- се работи само за француско вето (!);
- во суштина, согласност за зелено светло имало само за Скопје, со што и признава дека ако можело да се издвои кандидатурата на Северна Македонија тој би гласал „за“;
- дека тој е подготвен да се согласи да започнат преговори со Скопје, доколку во следните месеци се реформира процедурата, а земјата продолжи со реформите;
Со ова се демантира и ставот на Мицковски во споменатото интервју за „Вечерњи лист“ дека не верува оти Макрон би ја прифатил кандидатурата на земјава. По игра на случајот францускиот претседател Макрон лично го демантираше спинот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски.
Ова, секако, е најдиректно и најјасно оспорување на тезите со кои Мицковски во иднина ќе настојува да биде Макронов „адвокат“ во овој предизборно-изборен период и тоа преку видливо спинување на реалната состојба околу односите меѓу Скопје и ЕУ односно Северна Македонија и Франција.