Има закон за минимална плата, од кој сите имаат бенефит, но гледаме како во Собранието се блокира, воздухот е тема која добива политички наратив, имаме во Скопје палење на контејнери, рече потпретседателот на СДСМ, Коста Петров во емисијата 200 на Алсат.
„Ние треба сите да бидеме премиер за другите ако имаме политичка функција. Треба да застанеме заеднички зад теми како ЕУ, НАТО, минимална плата, бидејќи не се работи за партија, туку за иднината на граѓаните“, рече Петров
Владимир Неловски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека СДСМ гарантирале дека преку Мој ДДВ ќе се вратат 40 милиони евра, а нема да се вратат ниту 15 милиони евра.
Коста Петров пак, му кажа дека прогресивниот данок се пролонгира на 36 месеци, а не се укинал целосно и го потсети Неловски дека ВМРО-ДПМНЕ блокира носење на закон за минимална плата.
„Прогресивниот данок не се укинува, туку се пролонгира, бидејќи така покажаа анализите, не зошто ми се допаѓа мене или на Нина. Не може да се збори дека ВМРО-ДПМНЕ се труди нешто добро да однесе кога основни работи не сакаат да прифатат. „Мој ДДВ“ враќа пари кај граѓаните. Кога веќе прашувате каде се парите од Мој ДДВ, прашајте го Груевски кај се парите“, рече Петров.
Ние, како партија, имаме недоверба во СДСМ, рече во вечерашното гостување во емисијата „200“ на Алсат, Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ. Нелоски коментираше дека премиерот Заев често ги менува ставовите и оти веројатно не му верувале ниту домашните.
„Ние имаме претседател на влада којшто во вторник кажува едно, во среда ја менува изјавата, а во петок кажува сосема контрадикторно од тоа што го кажал во вторникот. Јас мислам оти имаме случај во државата, кадешто и дома не му веруваат на Заев што кажува. Мислам дека кога ќе му отиде на Вице Заев и ќе му каже колку имаат од одредена зделка, човеков треба да се преброи за да види дали е во право или го лаже“, рече Нелоски.
Партиската дисциплина на ВМРО-ДПМНЕ е за поздравување, рече во своето вечерашно гостување потпретседателот на СДСМ, Коста Петров. Одговарајќи на новинарско прашање – дали може да посочи позитивни елементи кај политичките ривали Петров вели:
„На ВМРО секогаш викам – браво на дисциплината. Затоа што ВМРО кога има цел сите застануваат позади тоа и сите работат на тоа. И тоа е нешто што треба да го учиме, за жал, во некои работи е деструктивно, меѓутоа, дисциплината, како партиска, е за поздравување, се разбира“, рече Петров.