Најмалку 17 лица се повредени во две експлозии во складиште за оружје во југоисточниот дел на Турција, пренесе МИА.
Двете експлозии одекнале доцна синоќа во складиштето на Командата на механизираната бригада во провинцијата Санлиурфа, на границата со Сирија. Во нив повредени биле 16 војници и еден цивил, кој се наоѓал на терасата од својата куќа во близина на складиштето.
Гувернерот на провинцијата Абдулах Ерин изјави дека по експлозијата избил пожар, што екипите набрзо го ставиле под контрола.
Ерин наведе дека е отворена истрага која треба да ја утврди причината за несреќата, додавајќи дека засега во оптек е варијантата дека станало збор за „техничка грешка“.