Австралискиот авиопревозник Квантас, еден месец по рекордно долгиот лет помеѓу Њујорк и Сиднеј, планира да реализира пробен лет од Лондон до Сиднеј, пренесе МИА.
Авион на Квантас полета од лондонскиот аеродром Хитроу денеска во шест часот по локално време и се очекува да слета по 19,5 часа лет на аеродромот Кингсфорд Смит во Сиднеј.
Растојанието од 17.8000 километри е најдолг лет на Квантас во рамките на научното истражување за намалување на влијанието на временските зони врз патниците, како и проучување на можностите за подобрување на здравјето на екипажот.
Квантас за потребите на пробниот лет го преуреди новиот Боинг 787-9 Дримлајнер за да може да прими максимално количество на гориво и го ограничи бројот на патници и багаж , што овозможува да се реализира така долг лет без слетување за танкирање керозин.
Во авионот има 50 патници и членови на екипажот.
Тоа ќе биде вторпат во историјата на комерцијалните летови да се прелета оваа рута. Квантас во 1989 година со Боинг 747-400 прелета од Лондон до Сиднеј за повеќе од 20 часа.
Квантас воспостави авиолинија помеѓу Лондон и Синеј во 1947 година и тогаш се патуваше пет дена бидејќи авионот шестпати дополнително слетуваше поради танкирање на гориво.
Австралиската авиокомпанија минатата година покрена линија Перт – Лондон, единствена директна линија помеѓу Австралија и Европа за кои се потребни 17 часови лет.
Квантас минатиот месец го успешно го изведе најдолгиот непрекинат комерцијален лет од Њујорк до Сиднеј. Пробниот лет од 16.200 километри траеше 19 часа и 16 минути. Иако летот од Лондон до Сиднеј е 1.500 километри подолг од летот Њујорк – Сиднеј, се очекува да трае подеднакво долго поради струењата на воздухот.