РЕК Битола до крајот на годината ќе добие А-интегрирана еколошка дозвола, изјави генералниот директор на Комбинатот, Златко Ќурчиевски, пренесе МИА.
Според Ќурчиевски, последната фаза до долгоочекуваната дозвола е поврзана со одржувањето на јавната расправа што треба да ја организира Министерството за животна средина и просторно планирање.
-Оперативниот план е доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање и единственото што го чекаме тоа е одговорот од Министерството за тоа кога ќе се реализира јавната расправа како последен чекор пред добивањето на А-интегрирана еколошка дозвола. Очекуваме до крајот на оваа календарска година да ја добиеме посакуваната А-интегрирана еко-дозвола чиј процес за нејзино добивање почна во 2010 година, но за жал, заради нечија неажурност или несакање тоа досега не беше реализирано, изјави Ќурчиевски.
Од РЕК Битола информираа дека за време на зимската сезона производството на електрична енергија ќе се врши со трите блока за што има доволни резерви јаглен.
-Комбинатот е подготвен за претстојната сезона, и тоа изразено во проценти изнесува 90 проценти затоа што во тек е капиталниот ремонт на Втор блок, кој треба да заврши на 30 ноември. Веднаш потоа ќе ги вклучиме трите блока со цел да ги задоволиме потребите на државниот електро-енергетски систем. На депонија во овој момент има резерви од околу 200.000 тони јаглен, а очекуваме резервите да стигнат до 300.000 тони јаглен и тоа во целост ги задоволува потребите на Комбинатот за зимската сезона, потврди првиот човек на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски.