За Владата францускиот нон-пејпер е за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни, пренесе МИА.
Владата веќе го добила документот на Франција, со кој се предлага нов пристап во преговарачката методологија и поблиска политичка соработка на државите членки и државите кандидатки.
-Многу е важно што рамката која ја предлага Франција го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува, велат од Владата.
Претстои разгледување на оваа иницијатива, по што институциите ќе дадат свој придонес во развивањето на идеите за можна промена на методологијата.
-Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата. Сметаме дека е особено важно земјите кои ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ, велат од Владата.
Важно е со одобрувањето на новата методологија за проширувањето, да се определи датум за почеток на преговорите, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи коментирајќи ги нон-пејперот што Франција го објави со кој се предлага нов пристап во преговарачката методологија за проширувањето на ЕУ.
-Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нè носи кон нејасен пат. Фактот што се потврдува полноправното членство како единствен пат, фактот дека процесот е започнат и оти се достапни структурни фондови, тоа е нешто ново и позитивно за земјата, посочува Османи за Алсат – М.
Евентуалната промена на владата после предвремените парламентарни избори следната година, според Османи, не смее да влијае и да доведе до отстапување од овој пат или да го забави темпото на реформите.
Вицепремиерот Османи не прецизира кои точки од новопредложената методологија би можеле да имаат негативно влијание врз евроинтегративниот процес, но додава дека има многу нејаснотии во овој документ, па Владата побарала да биде вклучена во неговата подготовка. Иако, Османи смета дека европските институции имаат малку време да ја спроведат оваа методологија, се надева дека тоа ќе се постигне во роковите што се одредени во нон-пејперот.
Нон-пејперот доаѓа еден месец по недоделувањето датум за старт на преговорите за Северна Македонија и Албанија на октомврискиот Самит на ЕУ во Брисел. Со документот Франција, бара „обновен пристап“ во преговарачката методологија за проширувањето на ЕУ, кој би требало да се заснова на четири принципи: постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност. Нон-пејперот е во фаза на разгледување и за него треба да се изјаснат сите земји-членки, а Париз бара одлуката за новата методологија да биде донесена до јануари, 2020 година.