Мирот е суштинска вредност, универзално и неопходно право на целото човештво, без разлика на верска, етничка, расна, полова, културна, социјална, економска припадност и каква било друга категоризација. Над сè и апсолутна е припадноста во групата на човештвото, и универзалните човекови права и слободи кои треба да се овозможат и да се практикуваат еднакво за сите и од сите, рече претседателот на Собранието на РС Македонија Талат Џафери обраќајќи се на Конференција во Тирана што се одржува на тема „Религијата како инструмент на мирот“, пренесе МИА.
Лишувањето на некое право или слобода, вели Џафери, природно дека ќе доведе до незадоволство.
-Ова е најумерениот израз, меѓутоа доколку истото продолжи и се прошири, со опфаќање на се поголема група на незадоволни, тогаш тоа ќе рефлектира со конфликти од пошироки сразмери, со чувство на дискриминација и потценување и тогаш секако дека ќе се претвори во обединет отпор, кон власта, кон други религиозни групи, кон етничките заедници поврзано со нивната верска припадност и кон секој што претставува опасност со непочитување на правото за практикување на одредена вера. Меѓутоа, едно нешто треба да ни биде јасно и тука треба да бидеме многу внимателни. Практикувањето на една религија, никогаш не смее да биде на штета на друга вера, никогаш не смее да биде со дискриминирање на некоја друга вера. Се разбира дека и религиската слобода се подложува на општите правила кои важат за сите граѓани и секогаш треба да бидат во иста линија со уставот, важечките закони и во суштина, доколку анализираме длабоко, во линија со општо прифатените универзални права и слободи, рече Џафери.
Фактот што конференцијата се одржува во Република Албанија, според Џафери, содржи во себе силна симболика и во исто време испраќа моќна порака, дека оваа земја била и останува уникатна со уникатен религиски состав и во исто време е пример за тоа како можат да живеат, да коегзистираат и делуваат заеднички во хармонија различните религии.
-Во исто време, може да се земе како модел за имплементација на исти меѓурелигиски односи со иста меѓусебна почит, како што можеме да видиме и тука. Затоа го гледам како многу корисно присуството на верските лидери во Албанија тука меѓу нас, на официјалните претставници на околните држави, меѓутоа и на експертите и активистите за верски слободи од различните делови на светот, затоа што најпотребна е синергијата, соработката и пополнувањето на празнините во градењето на хумани општества, пријателски кон секој поединец, кон секое човечко битие кое треба да ги ужива сите слободи и универзални права донесени уште пред 70 години со Повелбата на Обединетите нации, и обврската и посветеноста кон начелата и целите на меѓународните закони и правда и владеењето на правото засновано токму врз ова меѓународно право, е гаранција за мирот и безбедноста во светот, потенцира Џафери.
Додава дека чувањето на овој мир и обезбедувањето на достоинствени услови за живот е обврска на сите политичари, на сите нас кои сме во позиција на законодавна, извршна, судска власт и претседателска меѓутоа, во исто време е обврска на сите компоненти кои се составен дел на општественото ткиво, било да се тоа административците, професионалците, академиците, медиумите, граѓанското општество или верските заедници и верските лидери.
-Религијата, која и да е таа, доколку се практикува така како што е напишана, доколку се толкува добронамерно, без употреба на говор на омраза, потценување, понижување, дискриминација и исклучување на тие што не се дел од нашата религија, може да произведе само добрина, разбирање и почит кон различниот меѓутоа, доколку се толкува за постигнување на тмурни цели, за раздор на луѓето и народите, треба да се спречи и да се стави во законски рамки, повторно, секогаш имајќи го предвид правото на припадност или преминување во одредена друга религија, правото на слободно изразување на мислите и верските чувства но се разбира, без тоа да се наметне со принудување, со ограничување или пак со насилство, смета Џафери.
Според него, тука главната улога ја играат законодавецот, спроведувачите на законите, верските лидери, секогаш во координација и во насока на постигнување на верска хармонија и почитување на прифатените закони. Затоа, охрабрувам секаква соработка, секое заедничко делување помеѓу овие општествени фактори во насока на постигнување на взаемно разбирање и почит меѓу луѓето, на нивните права и слободи.
-Посакувам ваквите форуми во кои се промовира религијата како инструмент на мирот, на регионалната и меѓучовечката соработка да бидат успешни и да ги надминат видливите и невидливите бариери, затоа што потенцијалот на човечките битија не смее да се попречува, просторот на делување не треба да се стеснува туку напротив, треба да се унапреди и да се прошири со позитивни иницијативи, за подобрувањето на квалитетот на животот и слободите во сите аспекти на човештвото, без разлики и дискриминација врз основа на верската, етничката, расната, половата, социјалната, културната и каква било друга припадност, сите сме луѓе со исти права, обврски и слободи, истакна Џафери на Конференцијата организирана во координација со Американскиот Стејт Департман на тема “Религијата како инструмент на мирот“.