пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Подметнати лажни вести, спинови – биле одговорите на пртетседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по неговото испитно фијаско пред бугарскиот премиер. Ама таму сосема јасно и чисто, со слика и со тон, без сечење, лепење, монтирање, збунет како средношколец на поправен, на тест прашањата на Борисов, Мицкоски падна на домашниот и принудно го положи европскиот испит.
Со изнудените одговори, македонскиот политичар во обид и човекот без став, беше дипломатски треснат од земја. Наспроти лагите пред своите членови и симпатизери и пред национално емотивно повредените граѓани и гласачи, Мицкоси пред Борисов не можеше да фрла предизборен прав в очи.
Таму во Загреб не гукна ниту „никогаш Северна“ ниту „Гоце е наш“. Туку – туц, муц, закукуљено, замумуљено. Си ја прифати и северна, си ја подголтна и историјата, си се препоти ко ѓаче. А овде по дома саде херојски пуфки. Пак со истата магла. Не рекол што рекол. Не сме виделе што сме виделе и не сме слушнале што сме слушнале. Го местеле скапо платени пропагандисти. Му ги извртувале зборовите. Тие успевааат во тоа, а тој тоа не го успева со сопствените зборови.
По оваа брука каде што вистината му ја изнуди Борисов, дома пак ја врти истата плоча. Не рекол што рекол. Овде, уште никако гласно и јасно да каже како тоа ќе го менувал Преспанскиот и ќе ја вадел Северна. И како ќе го сторел тоа. Со кои инструменти и со чија согласност. За тоа – ништо. И за оној со Бугарија, исто. Ќе прифател само тоа што било од интерес на двата народа. А кој и каков е тој интерес на двата народа или барем, кој е тоа интересот на македонскиот народ, и за тоа – ништо. Ниту на испитот кај Борисов, ниту потоа дома на испитот пред македонските граѓани. Ништо и за контроверзите за Делчев, ниту дали бил Македониец, ниту дали бил Бугарин. Само, откривајќи ја пак Америка, дека Гоце се борел за Македонија. Па тоа дека Гоце се борел за Македонија никој никогаш и не го спорел, ниту Борисов ниту светот.
Па, наместо пак да се заглибува со дообјаснувања за тоа што мислел, што сакал, а што кажал, би било најарно, исто како и пред бугарскиот премиер, така и овде дома, кратко и јасно да соопшти што и како со Преспанскиот и што и како со бугарскиот.
Со мафтосувањето дека некој му ги подментнал неговите сопствени зборови, не се оди ниту на избори, ниту во Европа. И за овде и за таму треба машки јасно и со став. Став, реален, политички и човечки. Се друго ќе е лажна вест.
И не некаквите имагинарни спин мајстори, туку, на крај, лажна вест ќе е тој, Христијан Мицкоски.
извор: ЦИВИЛ МЕДИА