Пописот е потребен затоа што е поврзан, пред сè, со некои проблеми кои што се однесуваат на економскиот развој и растежот и нас ни требаат економски индикатори за демографскиот развој во Македонија, за социо-економските состојби, за сиромаштијата, како да се алоцираат средствата и да се инвестираат, кои региони имаат проблеми, миграциските трендови и многу други значајни проблеми, истакна професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Јасна Бачовска Недиќ на работилницата со новинарите во Струмица поврзана со пописот на населението, пренесе МИА.
Додаде дека последниот попис во државата е спроведен во 2002 година и оттогаш нема здрава статистичка база на податоци врз основа на која ќе може аргументирано да се зборува за проблемите.
-Постојано се одлага пописот, како сите политички опции да имаат општ консензус дека пописот не треба да се спроведе во нашата земја и одлагањето е една крајна негативна ситуација. Пописот е и еден од критериумите за влез на државата во ЕУ, бидејќи во однос на овој проблем ние сме меѓународно обврзани и од страна на ОН и од страна на Европските статистичари дека попис мораме да одржиме, потенцираше професорката Бачовска Недиќ.
Смета дека новинарите и академската заедница мора да вршат притисок на релевантните институции пописот под итно и што побрзо да се одржи.
До средината на идниот месец треба биде подготвен прирачник за новинарите за известување за пописот, а работилницата ја организираа Македонската платформа против сиромаштија (МППС) и Фондот за население на Обединетите Нации-УНФПА, во соработка со ЗНМ.