Повеќе од 4,13 милиони гласачи во Хонг Конг денеска излегуваат на локалните избори, што ќе биде прва демократска проверка на расположението на граѓаните по петмесечните протести низ градот, што почнаа уште во јуни, пренесе МИА.
Окружните совети се пониските владини тела што се грижат за локалните проблеми, како градскиот превоз и објектите за рекреација. Имаат четиригодишен мандат, а еден совет е недлежен за секој од 18-те дистрикти во градот Хонг Конг. Меѓутоа, имајќи во предвид дека антивладините протести во градот се уште се во тек, политичките прашања за граѓаните можеби ќе бидат многу поважни од локалните агенди, кога денеска ќе го даваат својот глас.
Изборите ќе бидат барометар што ќе го одрази општествениот сентимент и ќе покажат дали луѓето ја поддржуваат владата или демонстрантите, или дали се уморни од насилството, вели Брус Луи, професор на Баптистичкиот Универзитет во Хонг Конг.
Тој смета дека некои гласачи ќе покажат симпатии кон демонстрантите или ќе се двоумат дали да се стават на страната на полицијата поради обвинувањата за прекумерна употреба на сила во протестите.
Луи предвидува дека продемократскиот штаб веројатно ќе успее да отргне неколку места од своите ривали, иако можеби нема да биде во состојба да ја прекине доминацијата на Пекинг во советите, наведува Си-Ен-Би-Си. Меѓутоа, дополнува тој, доколку се задржи ситуацијата статус кво, протестите можено е да бидат засилени.
-Пред еден месец ќе очекував опозицијата да оствари убедлива победа, но сега мислам дека маргината ќе биде помала и дека ќе се смалува се повеќе доколку се продолжи со ескалација на насилството, вели Лау Сиу-каи, потпретседател на Кинеското здружение за студии во Хонг Конг и Макао.
Со оглед на ескалацијата на насилството во градот, нападите врз кандидатите и големите застои во сообраќајот, постои генерална загриженост дали локалните избори ќе се оддржат според планот. Лау проценува дека шансите за избори сега се 50:50.
-Од владина гледна точка, запирањето на изборниот процес ќе наиде на плима од критики и на локалните и на меѓународната заедница, истакнува Лау, додавајќи дека оддржувањето на изборите во ваквите околности, може да доведе до неправични резултати.
Лидерката на Хонг Конг, Кери Лам, во вторникот изјави дека администрацијата се надева дека ќе има избори, се додека тие можат да се спроведат на правичен и безбеден начин.
Според сегашниот изборен систем, жителите можат да избираат 94 отсто од местата во окружниот совет и половина во законодавниот (градскиот парламент).
Лидерот на градот може да биде номиниран и избран само од страна на комитет што има 1.200 членови, главно од прокинеската елита во градот.
Опозицијата се обидува да ја натера кинеската Влада да ја почитува целосната демократија за која вели дека им е ветена со Основниот закон, или мини Уставот на градот, што на жителите им дава право сами да го изберат својот лидер. Тоа е всушност едно од петте главни барања на демонстрантите и една од причините за претходните продемократски протести во 2014 година.