Манифестацијата не била баш културна и надлежните треба да понесат одговорност, изјави денеска премиерот Зоран Заев во врска со демолирањето на МНТ од страна на „Шверцерите”, на прославата во петокот.
„Секој вандалски чин е за осудување, тука нема дилеми. Јас бев информиран дека учествувам во првиот дел на активностите, а тоа е делот на одбележувањето на Денот на албанската азбука, бев присутен таму, останав дури малку и на коктелот и заминавме. Ми кажаа дека има втор дел, за млади. Вториот дел не била толку културна манифестација. Треба да понесат одговорност одговорните луѓе за таа работа”, рече Заев.
Навивачката група Шверцери во петокот присуствувала на настан, проекција на документарен филм за 30 години постоење на Шверцери и направила хаос.
Министерството за култура денеска по повод реакциите во јавноста за однесувањето на навивачката група „шверцери“ во МНТ се огласи со соопштение, во кое наведува дека до дирекцијата на Театарот не било најавено присуство на таа група, туку само одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм.
„Сметаме дека во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата. Во МНТ во петокот било најавено одржување два настана, свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група“, се вели во соопштението од Министерството за култура.
Во јавноста имаше бурни реакции откако беа објавени видеа за несоодветно однесување на навивачката група во МНТ.
И.Т.З.