Антикорупциската комисија отвора предмет за бонусите и додатоците за доверливост кои ги земале обвинителите од Специјалното јавно обвинителство. ДКСК ќе ги отвори сите анкетни листови за имотната состојба на поранешните специјални јавни обвинители и промените што ги пријавувале во последниве години, објави А1он.
„Во анкетните листови за имотната состојба постои графа за ‘други приливи’. Тука се пријавува доколку да речеме некој функционер зема хонорари надвор од платата, доколку изнајмува стан и зема кирија и слично. На овој начин обвинителите од СЈО требало да ги пријават надоместоците што ги земале надвор од платата. Патем, тоа е суштината и на анкетните листови, транспарентно прикажување на имотната состојба на сите избрани и именувани лица“, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска за А1он, и наведе дека ваквите надоместоци треба да бидат уредно пријавени во нивните анкетни листови.