Судиите и јавните обвинители ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 година, соопшти денеска Државната комисија за спречување на корупцијата ДКСК.
Државната комисија информира покрај законската обврска да усвојат Годишен план за наредна година за следење на имотна состојба и судир на интереси и врз основа на извршена анализа и проценка на ризици од корупција во одредени области, увидела дека има основа за изготување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
–Подготовката на Националната стратегија врз основа на анализата на ризици е во тек. Согласно утврдените ризици во споменатата анализа, правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб, судиите и јавните обвинители, ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба за 2020 година, се наведува во соопштението на ДКСК.
Годишниот план, велат од Антикорупциска, ќе се утврди и ќе се спроведе врз основа на законските надлежности а согласно расположливите човечки и материјално – технички капацитети на комисијата.
Имотната состојба ќе се проверува преку податоците внесени во анкетните листови, како и испитување на имотната состојба доколку има основано сомневање дека имотот на лицето е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања и примањата на членовите на неговото семејство. Во однос на судирот на интереси, Државната комисија ги проверува податоците од изјавите за интереси кои се однесуваат на работни места, членство во управни и надзорни одбори, здруженија на граѓани и фондации и други податоци кои се однесуваат на избраните и именуваните лица и членовите на нивните семејства.
Од ДКСК велат дека испитувањето на имотната состојба, е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување потребно е зајакнување на постојните човечки и материјално – технички услови и вклучување на други истражни органи. Антикорупциската комисија смета дека е неопходна координација на сите надлежни институции, но врз основа на конкретни задолжувања од страна на Владата на Република Северна Македонија.