Законодавно-правната комисија (ЗКП) ќе чека мислење од Владата пред да расправа за барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, соопшти денеска претседателката на Комисијата, Соња Мираковска, пренесува МИА.
– Барањето за автентично толкување се однесува на членот 11 од Законот за помилување. Законодавецот треба да го даде одговорот, има одредба, нема одредба, дали тоа значи имање процедура или не. Ако го барате мојот личен став – сметам дека членот 11 не постои затоа што во 2016 година со укинувањето на законот од 2009 може сите одредби да ги укине Уставниот суд, но не и да оживее одредба од законот од 2009, на која се повикува и претседателот за да даде помилување, рече Мираковска. Според неа, сепак ќе мора да се почека и мислењето на Владата.
На прашањето зошто се бара да се толкува одредба што е укината, Мираковска вели дека „можеби нема да се толкува“.
– Тоа е одлука која треба да се донесе – дали ќе се толкува или не. Но, во секој случај ЗКП, како матичното работно тело, ако се договориме, ќе побараме мислење и од Владата, рече Мираковска.
Мираковска додаде дека таа како претседател на ЗКП не може да си дозволи да поднесе барање за автентично толкување, но може да „менаџира“ одговор на тоа автентично толкување.
На прашањето зошто сега се актуализира ова прашање, пратеничката на НСДП вели дека „затоа што во овој момент е таква и реакцијата на Уставниот суд“.
– Во правната теорија е јасно дека таква една одредба не постои и Уставниот суд не би требало во моментот да го отвора прашањето. Таа одредба практично не постои. Штом не постои, претседателот практично направил амнестија врз основа на непостоечки закон. Додавањето на членот 11-а е врз основа на непостоечки член. Практично нема што да повлече, затоа што нема право да даде амнестија, рече Мираковска.
Според неа, сиве овие години СДСМ и коалицијата говореле дека поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов постапил неуставно и незаконски во однос на помилувањата.